Туркије ќе го произведе својот прв брз воз, а тестирањето ќе биде извршено следната година, потврди турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу.
Тој изјави дека по завршувањето на фабричките статички тестови „домашниот брз воз ќе биде ставен на шините“.
„Нашиот брз воз, кој ќе го произведува ТУРАСАС (Турска железничка индустрија), ќе има максимална брзина од 225 километри на час. Ќе има осум вагони, со капацитет од 584 патници“, потврди Уралоглу.
Тој посочи дека за турскиот брз воз, кој е во производство, целосно се користат домашните ресурси. Уралоглу рече дека фазата на проектирање ќе биде завршена до последниот квартал од оваа година, а потоа ќе започне фазата на склопување.
„По завршувањето на фабричките статички тестови, домашниот брз воз ќе биде ставен на шините“, рече Уралоглу.
Турскиот министер рече дека брзиот воз е дизајниран да биде многу удобен. Тој нагласи дека овој национален проект за брз воз е многу важен чекор за иднината на Туркије.
„Нашите инвестиции во транспортот и инфраструктурата продолжуваат да даваат резултати. Туркије сега стана земја која дизајнира, произведува и развива железничка технологија. Почнавме да превезуваме патници со нашите електрични возови на 27 мај 2023 година. По нашиот национален електричен воз, го произведуваме и нашиот национален брз воз“, објасни Уралоглу.