Туркије ги прекина сите трговски операции со Израел / Photo: AA

Туркије во втората фаза од рестриктивните мерки ги прекина сите извозни и увозни операции со Израел поради „агресијата врз Палестина со која се кршат меѓународното право и човековите права“, објави турското Министерство за трговија/

Претходно, на 9 април Туркије го ограничи извозот на 54 категории производи во Израел, потсети Министерството, наведувајќи дека и покрај оваа мерка, израелската Влада продолжила со агресивниот став и дека хуманитарната трагедија во Палестина се влошила.

Се додава дека од 7 октомври 2023 година, Туркије започнала иницијативи на највисоко ниво и ги користи сите расположливи дипломатски средства да ги запре судирите во Газа, да ги спречи хуманитарните загуби и физичкото разорување, да обезбеди траен прекин на огнот и да го имплементира дводржавното решение.

„Од првиот ден, нашата држава побрза во помош на жителите на Газа, со бродови и авиони достави десетици илјади тони хуманитарна помош во регионот, особено храна, здравствена и медицинска помош, евакуираше илјадници пациенти и е покрај палестинските браќа и сестри во овие тешки денови“, соопшти Министерството за трговија.

Меѓутоа, како што се наведува, масакрот, хуманитарната катастрофа и физичкото разорување предизвикани од Израел, продолжува, а израелската Влада ги игнорира меѓународните напори за прекин на огнот и ја спречува испораката на хуманитарна помош.

Понатаму се нагласува дека Туркије одлучно ќе ги спроведе новите мерки додека израелската Влада не дозволи непречен и доволен проток на хуманитарна помош во Газа.

Министерството, исто така, соопшти дека се координираат напорите меѓу турското Министерство за трговија и палестинското Министерство за национална економија за да се осигура дека „палестинските браќа и сестри кои се принудени да живеат под окупација да не бидат погодени од овие ограничувања“.

„Република Туркије ќе продолжи да ги поддржува напорите на палестинските браќа и сестри, како што правеше до денес“, се додава.

AA
Популарни