Туркије планира 100 милијарди долари приходи од туризмот до 2028 година

Туркије планира 100 милијарди долари приходи од туризмот до 2028 година

Туркије презема брзи, храбри чекори за да стане една од најдобрите туристички дестинации во светот
Туркије планира 100 милијарди долари приходи од туризмот до 2028 година / Photo: AA

Туркије планира да оствари 100 милијарди долари приход од туризмот до 2028 година, што е повеќе од двојно од минатогодишните 46 милијарди долари, изјави заменик-министерот за култура и туризам на Туркије, Надир Алпаслан.

Туркије презема брзи, храбри чекори за да стане една од најдобрите туристички дестинации во светот, рече Алпаслан на состанокот во југоисточната турска област Газиантеп.

По пандемијата што го редуцира патувањето низ светот, Турската агенција за промоција и развој на туризмот му помогна на секторот во земјата да закрепне брзо, рече Алпаслан.

Приходите од туризмот во земјата во 2019 година изнесуваа 38,9 милијарди долари, но паднаа на 14,8 милијарди долари во 2020 година поради ограничувањата во пандемискиот период.

Додека приходите од туризмот на Туркије во 2021 година достигнаа 30,2 милијарди долари, минатата година тие скокнаа на 46,3 милијарди долари, според официјалните податоци.

Над 44 милиони туристи лани

Туркије привлече околу 44,6 милиони странски туристи во 2022 година, што е пораст од 80,3 отсто во однос на претходната година. Според податоците на турското Министерство за култура и туризам, бројката речиси го достигна нивото пред вирусот, 2019 година, кога бројот на странски туристи изнесуваше 45 милиони.

Истанбул, најпопуларниот град во Туркије и најголем по население, најмногу ги привлече странските посетители, и пречека 16 милиони туристи.

По Истанбул следува туристичкиот град Анталија со 12,8 милиони посетители, додека Едрене, град во северозападна Туркије што се граничи со Бугарија и Грција, пречека 4,6 милиони туристи.

Германците со бројка од 5,7 милиони сочинуваат 12,7 отсто од сите посетители, потоа следуваат Русите со 5,2 милиони, Британците со 3,3 милиони, Бугарите со 2,9 милиони и Иранците со 2,3 милиони.

Доколку на бројките се додадат и турските државјани кои живеат во странство, тогаш бројот за 2022 година ќе се искачи на 51,4 милиони, малку помалку од 51,9 милиони колку што беа во 2019 година.

Само во декември, бројот на странски туристи во Туркије се зголеми за 26,8 отсто за разлика од истиот месец претходната година, достигнувајќи 2,4 милиони.

Турскиот институт за статистика (TurkStat) објави дека Туркије минатата година остварила приход од 46,3 милијарди долари од туризмот. Просечните трошоци на еден турист во 2022 година изнесувале 901 американски долар.

TRT Balkan / агенции
Популарни