Министерството за култура и туризам на Република Туркије ги претстави туристичките резултати за 2022 година.
Според податоците на турската гранична служба, бројот на туристите кои Туркије ги прими во текот на 2022 година надмина 51,4 милиони што е 99 отсто од рекордните 51,8 милиони од предпандемската 2019 година.
Туркије стана трет најголем туристички пазар на светот.
Претставувајќи ги туристичките резултати од 2022 година, Република Туркије го потврди големото враќање по пандемијата и ја претстави туристичката стратегија за наредните пет години. Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој ги претстави туристичките резултати на Туркије од минатата година.
„До крајот 2022 година податоците за глобална туристичка посетеност се опоравија за 65 отсто во споредба со времето пред пандемијата, но Туркије речиси се приближи до бројките кои ги имаше пред пандемијата. Нашиот раст на приходите од туризмот е уште поимпресивен: во 2022 година приходите на Туркије од туризмот достигнаа рекордни 46,3 милијарди долари со зголемување од 19 отсто во споредба со 2019 година. Овие резултати потврдуваат дека Туркије силно се опорави по пандемијата, а ние сме уверени дека ќе донесеме 90 милиони туристи и дека ќе достигнеме 100 милијарди долари приходи од туризмот до крајот на 2028 година“, рече Ерсој.
Туркије ќе ги зголеми своите глобални промотивни активности и ќе се фокусира на одржливост, истакна тој.
„За да ги оствариме своите цели во идните пет години, ќе се фокусираме на диверзификација на пазарот, глобалната промоција и брендирање на нашите специфични региони и производи и создавање одржлив туристички екосистем. Туркије е прва земја во светот која потпиша договор за соработка со Глобалниот совет за одржлив туризам (GSTC) на државно ниво. Нашиот договор налага план кој содржи три чекори до крајот на 2030 година и до тогаш ќе имаме 100 отсто одржлив туристички екосистем во нашата земја. Нашите активности на брендирање и глобалната промоција ќе се зголемуваат од година во година, а до крајот на 2028 година ќе имаме вкупно девет дестинациски и 20 производни подбрендови кои на целиот свет ќе му ја претстават целокупната туристичка и културна понуда на нашата земја. Ќе одржиме разновидност и континуитет во комуникацијата, така да до 2028 година ќе работиме со буџет за маркетиншки комуникации од 225 милиони долари“, нагласи турскиот министер.
Туркије ќе се фокусира на специфичните подрачја во своите активности на промоција на туризмот во кои спаѓаат верскиот, гастро и спортскиот туризам со посебен фокус на велосипедскиот туризам и конгресниот туризам.
Особено внимание на Туркије ќе биде насочено кон здравствениот туризам и разновидноста на туристичката понуда во сите 81 градови во текот на 12 месеци во година.
Со создавање на археолошките привлечни туристички точки, Туркије ќе ги продолжи своите археолошки истражувања на подрачјето Таш Тепелер - најстарото неолитско наоѓалиште на светот и ќе покрене нови археолошки паркови во Сиде, Анталија, Кападокија, Измир и други места.