Турска медицинска компанија создаде технологија за лекување на длабока венска тромбоза, состојба која доколку не се лекува, може да резултира со смрт кај едно од три лица.
Системот за тромбектомија „Мантис“, развиен од „Инвамед“, е дизајниран да го раствори тромбот или згрутчувањето на крвта со својот дизајн на активен врв.
Ова го намалува ризикот од ендотелијална дисфункција, еден вид коронарна артериска болест.
„Мантис го омекнува тромбот или згрутчувањето на крвта и ја раствора постоечката блокада со силни ротациони движења во крвниот сад“, се вели од „Инвамед“.
Длабока венска тромбоза е состојба која се јавува кога се формираат згрутчувања на крвта во длабоките вени, најчесто во долниот дел на ногата и бутот.
Белодробната емболија, состојба кога згрутчената крв се заглавува во артеријата во белите дробови, е една од компликациите на длабоката венска тромбоза.
Ногата почнува да отекува постепено или одеднаш. Се чувствуваат силни болки, отоци и промена на бојата на ногата што резултира со потешкотии во стоењето.
„Системот „Мантис“, кој го штити ѕидот на вената и значително ја намалува дозата на тромболитичка терапија, значително ја спречува појавата на посттромболитички синдром“, се додава од компанијата.
Истражувањата спроведени од различни центри откриваат дека стапката на успех на „Мантис“ е 94 отсто.
Минимално инвазивна интервенција е прифатена како една погодна опција за третман на длабоката венска тромбоза што му овозможува на пациентот да закрепне многу побрзо, да чувствува помалку болка во периодот на закрепнување и да го скрати временскиот престој во болница.