Турските безбедносни сили приведоа 42 осомничени, по кои е распишана црвена потерница на Интерпол од страна на 12 земји.
Министерот за внатрешни работи на Туркије, Али Јерликаја, на платформата Х објави дека осомничените се фатени како резултат на истовремена рација во рамките на операцијата „Cage-31“ спроведена во 13 провинции.
Акцијата е изведена во координација со Генералниот директорат за безбедносно-разузнавачки работи, Управата за борба против криумчарење и организиран криминал и Одделението Интерпол-Еуропол.
Потерници за осомничените распишале 12 земји, меѓу кои се Германија, Босна и Херцеговина, Шведска, Франција, Азербејџан, Иран, Финска, Казахстан, Киргистан, Египет, Русија, Туркменистан и Узбекистан, објави турскиот министер.
Истакнувајќи дека акцијата продолжува, министерот Јерликаја наведе дека приведените се осомничени членови на организирана криминална група која се занимава со илегална трговија на оружје, трговија со дрога, намерни убиства, криумчарење на луѓе, финансиски измами, грабежи, кражби, фалсификување на службени документи и затајување на данок.
Јерликаја во објавата на социјалната мрежа додаде дека оваа година во рамките на акцијата „Cage Operations“ се приведени вкупно 114 лица кои биле на црвената потерница.