Турскиот беспилотен борбен авион АНКА-3 подготвен за првиот лет / Photo: AA

Беспилотниот борбен авион АНКА-3, развиен од Турската аеровселенска индустрија (ТУСАШ) и трет член во семејството на беспилотни авиони на компанијата, првпат е снимено од страна на Агенција Анадолу (АА).

Директорот за инженерство на беспилотни летала Булент Коркем за АА изјави дека АНКА-3 има конфигурација без опашка, што на ова беспилотно летало му дава поинакви предности.

Коркем во врска со предностите на АНКА-3, кои произлегуваат од неговиот дизајн, рече дека една од нив и најважна е слабата радарска видливост, бидејќи авионот нема хоризонтални и вертикални опашки, видливоста значително се намалува.

„Со дополнителни мерки, можно е уште повеќе да се намали неговата видливост. Покрај тоа, оваа конфигурација на леталото нуди мал отпор. Тоа ни овозможува да создадеме поголем транспортен волумен и капацитет на леталото и наша цел беше да ги искористиме сите овие предности. Беше потребно многу време за планирање. Пред околу една година изработивме структура на помал авион без опашка и по неговото успешно полетување почнавме да развиваме авион во кој ќе ги искористиме сите горенаведени предности. Развојниот процес започна во февруари 2022 година. Во овој момент авионот ги започна тестовите на тлото. Овој процес ќе продолжи сѐ додека не се изврши првиот лет за кратко време“, истакна Корем.

Потоа, објаснува тој, ќе започне процесот на интеграција на функционалните системи во авионот и подготовка за вистинска употреба.

„Во овој момент главна цел е првиот лет. Датумот на првото полетување е многу близу, кон почетокот на мај. Се надеваме дека ќе полета пред да мине средината на мај“, вели Коркем.

Турскиот беспилотен борбен авион АНКА-3 подготвен за првиот лет AA

Неговите способности на терен

Одговарајќи на прашањата во врска со оперативните капацитети на АНКА-3, Булент Коркем изјави дека авионот има сериозен капацитет за носивост, може да се искачи на висина до 44.000 стапки (13.411 метри), а оперативен е на висина до 40.000 стапки (12.192 метри).

Тој потенцираше дека авионот ќе достигне брзина од 0,7 маха.

„Неговата ниска радарска видливост ни дава голем капацитет на корисен товар и можност на работиме на долги растојанија со големи брзини. Нашиот авион има голем капацитет на носивост. Со додавањето корисни електронски системи на авионот му се дава поддршка на неговата голема транспортна моќ, со што АНКА-3 може да се користи и за офанзивни напади воздух-земја, а доколку е потребно и за воздух-воздух. Авионот може да се користи и за електронско војување, со цел потиснување на непријателските системи на терен.

Националниот борбен авион АНКА-3 може да се користи во заеднички операции со борбените авиони со екипаж, како што се авионите ХУРЏЕТ и Ф-16. Благодарение на вградените системи и големиот капацитет на носивост, може да се каже дека овој авион има многу широка палета на употребливост. Сметаме дека доколку наскоро го направиме првиот лет, тогаш ќе се создаде можност првата мисија да се спроведе до крајот на годината или до почетокот на следната година.“

Вооружувањето на АНКА-3

На прашањето за офанзивната способност на АНКА-3, Коркем објасни дека авионот ќе биде вооружен со вкупно седум сегменти за носење оружје, од кои едниот се наоѓа централно под трупот и по два под двете крила.

Посочувајќи дека сегментите за носење оружје се со различни капацитети, Коркем рече:

„Способностите на внатрешниот сегмент на трупот на авионот ќе бидат многу големи. Значи, имаме некој сериозен капацитет на авионот што ни го нуди конфигурацијата на трупот. Во овој момент во позиција сме, во овој сегмент, да ја носиме целата муниција што досега е развиена во Туркије.

Во внатрешниот сегмент може да се носи едно оружје од класата Марк 83 или помала муниција според нејзиниот волумен. На првиот голем сегмент под крилото може да се носи оружјето СОМ-Ј, оружје од класата Марк 83. Оние од помала класа дефинитивно може да се носат. Релативно мало оружје може да се носи и на сегментите надвор од крилата. Затоа може да кажеме дека е многу широка нашата палета од аспект на типот оружје со кое може да биде вооружен авионот АНКА-3.“

Турскиот инжинер нагласи дека АНКА-3 е проект со кој се гордеат.

„Станува збор за проект со кој многу се гордееме. Спроведовме секакви активности од аспект на технологијата и продолжуваме да го правиме тоа. Се надеваме дека со успешен прв лет и потоа интеграција на електронски системи во него, на нашата земја ќе ѝ дадеме добар производ.“

Турскиот беспилотен борбен авион АНКА-3 подготвен за првиот лет AA

Доаѓа „Супер Шимшек“

Коркем се осврна и на новата верзија на брзото таргет беспилотно летало „Шимшек“, кое ќе биде сместено под крилата на АНКА-3.

Турскиот инженер рече дека „Супер Шимшек“ првенствено ќе биде таргет авион, а потоа следуваат верзии со мамка и офанзивна муниција.

Потенцирајќи дека кај верзиите со муниција ќе користат различни типови наведувачки глави, Коркем истакна:

„Од таа причина, 'Супер Шимшек' ќе може да извршува мисии на напади воздух-земја, воздух-воздух, како и да извршува задачи, како што се откривање и потиснување на непријателските системи на терен со интегрирање на системи за електронско војување. Во една од неговите најнови верзии, овој авион ќе се користи со опсег како на крстосувачки ракети. Очекуваме досег од над 700 километри.“

TRT Balkan / агенции
Популарни