Поранешниот турски амбасадор Феридун Синирлиоглу е избран за генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со што е првиот турски државјанин на таа функција.
Оваа одлука беше официјално соопштена за време на 31. состанок на Советот на министри на ОБСЕ во Малта, на кој присуствуваше и турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Изборот на Синирлиоглу го поддржаа 57 земји-членки на ОБСЕ од Северна Америка, Европа и Азија.
Синирлиоглу ќе служи тригодишен мандат како генерален секретар на ОБСЕ. За време на неговиот мандат, на дневен ред ќе бидат многу клучни прашања во врска со глобалниот мир и стабилност, особено зачувувањето на основите на безбедносната архитектура во Европа.
Местото генерален секретар е испразнето од септември поради неможноста на земјите-членки да постигнат консензус за кандидат. Процесите на донесување одлуки се закочени поради одредени поделби, особено по војната во Украина.
Министерот Фидан му честиташе на Синирлиоглу, истакнувајќи дека оваа одлука е резултат на „активната улога“ на Туркије на меѓународно ниво и нејзиниот „кооперативен дипломатски пристап“.
„Во овие тешки времиња, кога светот е тестиран од длабоки кризи и конфликти, ОБСЕ мора да одигра важна улога за мирот, стабилноста и безбедноста“, рече Фидан.
Турското МНР во соопштението за назначувањето на Синирлиоглу за генерален секретар на ОБСЕ наведе дека „неговиот избор со консензус на 57 членови од различни географии ја одразува довербата на меѓународната заедница во угледот на Туркије, нејзината надворешна политика и стремежот кон активна дипломатија за решавање на кризите“.
Синирлиоглу, дипломат со повеќе од 40 години искуство, извршуваше различни високи функции, вклучувајќи ја и функцијата постојаниот претставник на Туркије во Обединетите нации (ОН) од 2016 до 2023 година.
ОБСЕ, основана во 1975 година за време на Студената војна, имаше за цел да го олесни дијалогот за намалување на тензиите меѓу источниот и западниот блок.