Турскиот претседател Ердоган го претстави новиот кабинет

Реџеп Таип Ердоган, откако свечено ја положи заклетвата за третиот мандат за претседател на Туркије, го именуваше новиот кабинет кој има 17 министри.

Во обраќањето на прес-конференцијата во Претседателската палата во Анкара, Ердоган истакна дека Туркије денес е посилна од вчера.

„Туркије денес е посилна од вчера, како и нашата демократија. Заедно и понатаму ќе и служиме на Туркије“, рече Ердоган. Им се заблагодари на сите министри кои беа во претходниот кабинет, а потоа ги соопшти имињата на министрите кои ќе го сочинуваат новиот кабинет.

За потпретседател на Туркије именуван е Џевдет Јилмаз.

Министерството за правда доверено му е на Јилмаз Тунч, додека Махинур Оздемир Ѓокташ ќе ја извршува функцијата министерка за семејство и социјална служба.

Хакан Фидан, долгогодишниот шеф на турската Разузнавачка служба именуван е за министер за надворешни работи, додека на челото на Министерството за внатрешни работи именуван е Али Јерликаја, поранешен гувернер на Истанбул.

Министерството за трезор и финансии го презеде Мехмет Шимшек, познато име на турската политичка сцена. Шимшек порано ја извршуваше должноста министер за финансии и економија во мандатите на Ердоган како премиер на Туркије, пред преминувањето на државата на претседателски систем на управување. Шимшек исто така ја извршуваше функцијата заменик премиер.

Позицијата министер за животна средина, урбанизација и климатски промени ќе ја извршува Мехмет Озхасеки, а на чело на министерството за енергетика и природни ресурси ќе биде Алпарслан Бајрактар.

Министерството за млади и спорт го презеде Осман Ашкин Бак, должноста министер за земјоделство и шумарство ќе ја извршува Ибрахим Јумакли, додека на чело на министерството за индустрија и технологија ќе биде Мехмет Фатих Качир.

На позицијата министер за национална одбрана именуван е Јашар Ѓулер, турски генерал и досегашен началник на Генералштабот на турската војска.

Министерството за транспорт и инфраструктура ќе го води Абдулкадир Уралоглу, на чело на Министерството за образование ќе биде Јусуф Текин, министер за труд и социјална сигурност ќе го води Ведат Ишикхан, а Омер Болат именуван е за министер за трговија. Единствени две имиња кои останаа од претходниот кабинет се министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој и министерот за здравство Фахретин Коџа.

Ердоган денес ја положи заклетвата за својот трет мандат за претседател на Туркије и втор по преминувањето на земјата на претседателски систем на управување.

На свечената седница на Големото национално собрание на Република Туркије, привремениот претседавач Девлет Бахчели на Ердоган му врачи сертификат на Врховната изборна комисија за потврда на победата на Ердоган на претседателските избори одржани на 28 мај.

Ердоган потоа свечено положи заклетва пред говорницата на парламентот и го започна новиот претседателски мандат.

Тој потоа го посети мавзолејот на основачот и прв претседател на Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк, по што зборуваше на церемонија во Претседателската палата.

Ердоган беше избран на функцијата претседател за првпат на изборите во 2014 година, а воедно е и првиот директно избран претседател на земјата.

Според официјалните резултати на турската Врховна изборна комисија, Ердоган победи во вториот круг претседателски избори што на 28 мај се одржаа во Туркије, со освоени 52,18 % гласови, додека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу освои 47,82 %.

TRT Balkan / агенции
Популарни