Чоскун бил ранет со стотици други граѓани на Мостот Босфор каде во нив пукале терористите на ФЕТО инфилтрирани во турските вооружени сили / Photo: AA

Озер Чоскун, ранет од пучистите на терористичката организација ФЕТО, кои се обидоа насилно да ја соборат легалната власт во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година, го чува турското знаме натопено во крвта на убиените и повредените од ноќта на обидот за државен удар како спомен и предупредување за идните генерации.

Во тоа време се викаше Мостот на Босфор и беше еден од мостовите што пучистите ги блокираа во Истанбул, а со тоа и место за собирање на граѓаните кои се обидоа да ги спречат терористите на ФЕТО инфилтриранки во Турските вооружени сили (ТСК).

Откако ги гледал вестите и дознал за состојбите во земјата, Чоскун облекол маица со името на основачот на модерна Република Туркије, Мустафа Кемал Ататурк и се упатил кон Мостот Босфор.

„Приближувајќи се до мостот видов многу возила на брза помош како ги одвезуваа повредените. Видов повредени луѓе во возилата, па го оставив автомобилот и обвиен во знаме продолжив кон блокираниот дел од мостот“, се сеќава Чоскун во интервјуто за Анадолу Агенција.

Кога стигнал до пучистите, забележал дека еден од офицерите лојални на терористичката организација ФЕТО дава наредба да се отвори оган.

„Тогаш почна пеколот. Луѓето паѓаа, крв течеше. Снимав со мобилен телефон. Дел од куршумот го погоди мобилниот телефон и лесно ми ја рани раката. Од болка паднав на земја. Некое време подоцна забележав дека знамето што го носев беше натопено во крв. Не беше само мојата крв. До мене беше маж застрелан во градите и уште еден потешко ранет во главата, а трет ранет во нозете. Имаше и стари и млади луѓе“, рече Чоскун покажувајќи кон знамето и додавајќи:

„Ова знаме е натопено во крвта на сите тие луѓе. Јас го чувам за да можам да им го оставам на моите деца, а тие на нивните. Тоа е наш заеднички спомен“.

ФЕТО како опасност за сите земји во кои дејствува

Терористичката организација Фетулаџи (ФЕТО) е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, чија екстрадиција Туркије официјално побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење испити, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, прво во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во судството на Туркије се обидоа да гонат бројни високи функционери со монтиран судски процес за наводна корупција.

Неколку години подоцна следеше крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за државен удар извршен од офицери кои ФЕТО ги инфилтрирала во турската армија.

Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која претставува опасност не само за Туркије, туку и за секоја друга земја каде што е активна. Ова во неколку наврати го истакнуваа турските власти.

За време на обидот за државен удар во Туркије, загинаа 253 лица, а повеќе од 2.730 луѓе беа повредени.

AA
Популарни