Осомниченото лице кое ја оставило бомбата, која вчера предизвика експлозија во истанбулската улица Истиклал, е уапсено, изјави министерот за внатрешни работи на Туркије Сулејман Сојлу.
„Наша проценка е дека наредбата за смртоносниот терористички напад стигна од Ајн ал-Араб во северна Сирија, каде ПКК/ЈПГ има свое сириско седиште“, рече Сојлу.
Тој повтори дека Туркије ќе продолжи со својата одлучна и оправдана борба против тероризмот.
„Ние ќе им се осветиме на оние кои се одговорни за овој гнасен терористички напад“, додаде турскиот министер.
Сојлу потврди дека во нападот се убиени шест лица, а 81 лице е повредено.
Истакна дека 50 од повредените се пуштени од болниците, додека пет лица се наоѓааат во единиците на интензивна нега. Исто така, двајца од повредените се во критична состојба.
Во својата 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која САД, ЕУ и Туркије ја означија како терористичка група, одговорна е за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и новороденчиња. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Улицата Истиклал повторно отворена
Истанбулската улица Истиклал повторно е отворена за пешаците по вчерашната смртоносна експлозија. Во фрекфентната улица, во која сега патролира полицијата, отстранети се клупите.
Властите и бројни функционери на државите и на меѓународните организации го осудија бомбашкиот напад во Истанбул и упатија пораки на поддршка на Република Туркије, нејзиниот народ и раководството.