Турскиот научник и професор кој работи на Колеџот „Бостон“ во Соединетите Американски Држави (САД), Тајфун Сонмез, и научникот и професор Утку Унвер извршија 33 успешни зафати за трансплантација на црн дроб во Медицинскиот центар „Тургут Озал“ при Универзитетот „Инону“ во Малатија, а операциите се извршени со помош на донори и со користење на алгоритми и компјутерски софтвер.
Директорот на Институтот за трансплантација на црн дроб во Медицинскиот центар „Тургут Озал“, Сезаи Јилмаз, за агенцијата Анадолу (АА) изјави дека досега во Институтот се извршени повеќе од 3.500 трансплантации. Јилмаз напомена дека 85 отсто од овие трансплантации се направени од живи донори.
Појаснувајќи дека само 30-40 отсто од живите донори се компатибилни со пациентот, а лицето кое не е компатибилно со еден пациент може да биде компатибилно со друг, Јилмаз рече дека тие вршат и трансплантација со размена на донори и така двајца пациенти добиваат органи.
Тој рече дека во 2019 година во исто време извршиле 5 трансплантации на црн дроб и додаде дека професорот Сонмез дошол во нивната болница каде решиле да го применат системот што го развиле во болницата.
„Системот на повеќекратни вкрстени трансплантации на црн дроб го изведоа професорите Сонмез и Унвер. Тоа е многу напреден систем. Според мое мислење, тоа е најнапредниот систем во светот. Тоа е еден од важните математички модели. Се разбира, повеќекратните трансплантации се поврзани со Малатија. Професорите по економија на Бостонскиот колеџ се прашуваа дали можат да применат таков модел во други земји во светот. Отидоа во Кореја и правеа одредени студии таму. Професорот Сонмез дојде кога слушна дека такви зафати се работат во Малатија. Тој ни рече дека можеме да го правиме тоа овде, одржувавме состаноци и конференции. На крајот решивме да го имплементираме овој систем. Малку се местата во светот каде што е направено тоа. Тројни вкрстени трансплантации направени се по еднаш во Индија и Пакистан. Но, во Малатија се направени три трикратни вкрстени трансплантации и многу четирикратни трансплантации на црн дроб. Тие им даваат шанса на поголем број пациенти“, рече Јилмаз.
Трансплантации изведувани и покрај разорните земјотреси
Јилмаз рече дека морале да го имплементираат овој систем на крајот на 2021 година поради пандемијата на Ковид-19, и дека и покрај разорните земјотреси извршиле тројна трансплантација во април 2023 година.
„Потоа направивме четирикратна вкрстена трансплантација. Ова имаше силен одек. Луѓето на листата на чекање за донори имаат шанса дури и ако имаат некомпатибилни донори“, рече тој.
Нагласувајќи дека со трансплантациите го привлекле светското внимание, Јилмаз рече дека соработуваат со престижни установи кои им испраќаат експерти на дополнителна обука, меѓу кои и болницата „Кралица Елизабета“ во Бирмингем, белгискиот Универзитет „Гент“ и уште еден универзитет од Холандија.
Центарот во Малатија, важен европски и светски центар
Ректорот на Универзитетот „Инону“ во Малатија, Ахмет Кизилај, изјави дека тие се единствениот центар во Туркије што прави повеќекратни трансплантации на црн дроб и дека се подготвуваат за 5-6 истовремени трансплантации на црн дроб.
Наведувајќи дека вкрстените трансплантации отворија ново поле во здравствениот туризам, Кизилај рече дека Институтот за трансплантација на црн дроб во Малатија е важен турски, европски и светски центар од ваков вид.
„Бевме втори во светот и број еден во Туркије и Европа. Сега сме број еден во светот со вкрстените трансплантации. Во нашиот центар трансплантации се вршат кај тешко болни пациенти кои не можат да се лекуваат во други центри. Кај нас доаѓаат пациенти од сите земји. Моментално кај нас се обучуваат над 20 странски лекари. Затоа, нашиот Институт за трансплантација на црн дроб е еден од најважните центри за обука во светот. Во оваа смисла, ние сме центар кој обезбедува лекување на пациентите и центар за многу важна обука од оваа област. Наша трета карактеристика е тоа што спроведуваме многу важни истражувања за трансплантација на црн дроб. Ние сме научно-истражувачки центар кој дефинира нови методи и воведува нови методи во медицината. Овозможивме многу важен исчекор за нашата земја и светот со вкрстената трансплантација на црн дроб. Тимот кој претходно изврши вкрстена трансплантација на бубрези доби Нобелова награда. Се надевам дека нашиот тим, кој врши вкрстена трансплантација на црн дроб, овој голем успех ќе го круниса со Нобелова награда“, рече Кизилај.