Главна тема на форумот е „Заедничка иднина, заеднички цели“ / Фото: AA

Денес во Истанбул започна Истанбулскиот енергетски форум, организиран од Анадолу под покровителство на турското Министерство за енергетика и природни ресурси, со главна тема „Заедничка иднина, заеднички цели“ и ги обединува глобалните и регионалните лидери од енергетскиот сектор за справување со заедничките предизвици, јавува Анадолу.

На еднодневниот форум, кој се одржува во Конгресниот центар во Истанбул, ќе присуствуваат министри за енергетика, претставници од локални и меѓународни невладини организации, глобални организации, академската фела, медиумски професионалци и бизнис-лидери од целиот свет на разговори за итни прашања од енергетскиот сектор.

Тие ќе се осврнат на теми како што се целите на регионалниот енергетски сектор, улогата на Туркије во осигурувањето на безбедноста на снабдувањето со природен гас, финансирањето на енергетската транзиција и регионалните и меѓународните агенди од полето на енергијата.

Форумот започнува со сесија чиј домаќин ќе биде Турската нафтена корпорација (БОТАШ) на тема „Нова динамика на безбедноста на гасот: регионални перспективи“.

Ќе продолжи со сесии насловени „Перспективи за нови технологии и горива во паметна енергетска транзиција“.

Главни говори ќе одржат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, турскиот министер за енергетика Алпарслан Бајрактар, директорот за комуникации Фахретин Алтун и претседателот и извршен директор на Анадолу, Сердар Караѓоз.

На панел-дискусијата на високо ниво, модерирана од турскиот министер Бајрактар, ќе учествуваат министерот за енергетика на Азербејџан, Парвиз Шахбазов, бугарскиот министер за енергетика Владимир Малинов, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, министерот за енергетика на Молдавија, Виктор Парликов, либискиот министер за нафта и гас Калифа Раџаб Абдулсадек, министерката за енергетика и рудници на Србија, Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ, и министерот за енергетика на Узбекистан, Јурабек Мирзамахмудов.

Форумот ќе заврши со сесија за признание и преглед што ќе ја одржи Анадолу.

AA
Популарни