Претходно официјални лица предупредија дека бројот на жртви ќе се зголемува / Фото: AA

Шумските пожари што дивеат низ подрачјето на Лос Анџелес, САД, уништија илјадници домови, а билансот на жртви се искачи на 10 лица.

Пронајдени се тела на две жртви во пожарот во Палисејдс, а властите продолжуваат со потрагата, изјави началникот на пожарникарите од Округот Лос Анџелес.

Претходно официјални лица предупредија дека бројот на жртви ќе се зголемува бидејќи истражните тимови и кучињата обучени за откривање жртви пребаруваат по многубројните руини низ Лос Анџелес.

„Сè уште се чека идентификација за сите случаи и известување на најблиските роднини“, соопшти Одделот за медицинска експертиза на Округот Лос Анџелес.

Петтиот пожар, познат како пожар Кенет, првпат бил пријавен во 15:34 часот по локално време во близина на границата меѓу Округот Лос Анџелес и Вентура. Тој брзо се прошири и зафати 389 хектари за помалку од половина ден.

Пожарот Палисејдс, кој прв избувна во вторникот, стана најголем пожар уништувајќи речиси 8.093 хектари.

Пожарот Итон, кој започна по само неколку часа уништи 5.540 хектари околу планинскиот град Алтадена.

Пожарот Палисејдс моментно е 6% под контрола откако пожарникарите успеале да почнат со воздушните операции по смирувањето на силниот ветар.

Од друга страна, пожарите Итон и Кенет и натаму целосно се надвор од контрола.

Пожарникарите постигнале одреден напредок кај два помали пожара - пожарите Хурст и Лидија.

Според весникот „Лос Анџелес тајмс“, пожарите Палисејдс и Итон досега оштетиле или уништиле околу 9.000 објекти, меѓу кои домови, бизниси, други згради и мобилни куќи.

Финансиската компанија „ЏП Морган“ соопшти дека пожарите се најскапи во историјата на Калифорнија, економските загуби се проценуваат на речиси 50 милијарди долари, а осигурителните загуби би можеле да надминат 20 милијарди долари.

Сомнеж дека пожарот Кенет е подметнат

Во меѓувреме полицијата потврди дека осомничено лице е приведено во областа Вудленд Хилс во врска со пожарот Кенет, кој избувна вчера попладне на ридовите на Западен Холивуд и досега зафати над 323 хектари.

Причината и мотивот сè уште не се познати.

Полициската управа во Лос Анџелес, наводно, започнала истрага за подметнување пожар во Виктори Трејлхед, каде што започнал пожарот, третирајќи ја областа како место на сторено кривично дело.

AA
Популарни