Шеснаесет милиони Украинци влегле во Европската унија од почетокот на војната на Русија во Украина. Од нив 11 милиони се вратиле во Украина, а пет милиони продолжиле во други земји како Велика Британија и САД,објави денеска европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон.
Според Јохансон четири милиони Украинци во моментов живеат во земји – членки на Европската унија. Европската комесарка за внатрешни работи тврди дека врз некои членки постои притисок да ги интегрираат украинците во општесството и на нивниот пазар на труд.
„Полска и Германија прифатија еден милион Украинци, додека Естонија и Чешка имаат уште поголем сооднос по глава на жител“, изјави комесарката.
Според еврокомесарот за европски и социјални права Николас Шмит над еден милион Украинци склучиле договори за работа во ЕУ.
„Потпишани се повеќе од 1,3 милиони работни договори со луѓе од Украина, иако многу од нив работат на работни места за кои е потребно пониско ниво на образование и вештини“, изјави Шмит.
Денеска Европската комисија објави дека потрошила повеќе од една милијарда евра за прием на украинските бегалци и нивна интеграција на пазарот на трудот и во системот на социјална помош.
1,097 милијарди евра од кохезионите фондови на ЕУ биле репрограмирани за решавање на ситуацијата создадена од масовниот прилив на украински баратели на азил, особено за да им се обезбеди домување, образование и социјална поддршка, како и нивна интеграција на пазарот на трудот.
Извештајот „Интеграција на луѓето кои бегаат од Украина во ЕУ“ денеска на прес-конференција во Брисел го претстави специјалниот советник за Украина, Лодевијк Ашер.