36 милиони со долготраен Ковид во Европа: Се чека на дијагностика и третман / Photo: AA Archive

Според европската канцеларија на СЗО околу 36 милиони луѓе во регионот страдале од долготраен Ковид во последните три години. Иако глобалната пандемија заврши и по нејзиното прогласување во март ни претстои лето „без“ Ковид-19, сепак и натаму има многу поединци кои се уште се во опасност.

Последиците од долготрајниот Ковид може да бидат присутни и по месеци со продолжено дејство на симптомите, особено врз коските и мускилите и физичката спремност на заболените.

„Тоа е приближно кај 1 од 30 Европејци во последните 3 години. Тоа е 1 од 30 на кои можеби сè уште им е тешко да се вратат во нормален живот. Еден од 30 кои најверојатно страдаат тивко, заборавени додека сите други го надминуваат Ковид-19“, посочи Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа.

Според европскиот шеф на СЗО и натаму за долготрајниот Ковид нема многу информации и неопходно е да се изработи соодветна дијагностика и детална терапија и третман на пациентите.

„Ги слушаме повиците на пациентите со долготраен Ковид и групите за поддршка, подигнување на свесноста за нивната мака, но јасно е дака треба да се преземат повеќе чекори за да разбереме со што се соочуваме“, изјави Клуге.

Гледано од социоекономски аспект, според европската канцеларија на СЗО, и натаму најпогодени се ранливите групи на граѓани, како поради недостиг на соодветна здравствена грижа, така и поради нееднаквоста која водеше кон условите за зараза.

Челниците на СЗО апелираат да продолжат препораките за избегнување на коронавирусот.

Тоа подразбира преземање на соодветните хигиенски мерки, доброволна вакцинација особено за ранливите групи како повозрасните, хронично болните и имунолошки ослабените, како и водење здрав живот.

Долготрајниот Ковид може да влијае и на кардиоваскуларните и белодробните системи, и да ги влоши состојбите на дијабетис и канцер, меѓу другите.

TRT Balkan / агенции
Популарни