Украинецот Александар поминал 54 дена во заробеништво на руските сили во областа Херсон во Украина, која е во војна со Русија скоро девет месеци.
Шеесет и шестгодишниот Александар од селото Миролубовко во подрачјето на Херсон, над кое на 3 ноември украинската војска повторно ја презеде контролата, раскажа за ужасите на кои бил сведок во текот на руското заробеништво.
Александар работел како електроинженер задолжен за енергетските системи во местото каде што живеел со сопругата. Неговото село беше под контрола на руската војска вкупно седум месеци.
Тој рече дека руските сили ја користеле училишната зграда во селото како штаб, а во истата зграда ги држеле и цивилите кои ги заробиле во околните села.
Се присетува како на 7 април отишол да поправи далновод кој бил оштетен од судирите, со оглед на тоа што линијата на фронтот во тоа време била блиску до селото. Александар раскажа дека откако ја завршил работата, војниците го однеле кај рускиот командант.
Тогаш командантот побарал од него да му го предаде мобилниот телефон.
„Ги виде фотографиите што ги имав на телефонот. Имаше фотографии од срушени куќи и траги од куршуми. Ме уапсија, обвинувајќи ме дека сум поврзан со украинската војска и за пренесување информации на украинските војници“, раскажа Александар.
Рече дека овие тврдења на руските војници не биле точни. Фотографиите на телефонот, како што раскажа, ги споделил само со својата ќерка, која во тој период се наоѓала во друг дел на Украина, сакајќи да ја информира за случувањата во регионот.
Александар понатаму раскажа дека околу два месеца бил затворен во мрачна просторија во училишната зграда.
„Во просторијата имаше вкупно 12 луѓе. Беа невини затвореници како и јас. Сите спиевме некако во истата просторија“, раскажа Александар.
Само на секои четири дена во просторијата им се носела вода за пиење. Бидејќи немало доволно вода за пиење, ги откажувале цевките за греење во просторијата, од каде што се обиделе да пијат вода.
Во какви нехумани услови бил држен Александар, потврдува и со сведоштвото дека немале пристап до тоалет, па сите морале да ги извршуваат физичките потреби во истата просторија во којашто биле затворени.
„Моравме да правиме сè во собата. Од неа нè изнесуваа само за испрашување. Седевме во темна просторија“, рече Александар.
Додава дека имале проблеми со недостигот на храна, а и тоа што го добивале биле принудени да го јадат со една иста лажица од ист сад.
Раскажа дека еден ден во собата биле внесени две лица кои биле претепани до смрт.
„Не видовме, но се зборуваше дека војниците ги тепале. Тие тука и умреа. Нивните тела беа во собата четири дена. Беше тешко да се биде во близина на лешеви, дури и да се познати лица. Затоа ги замоливме војниците да ги изнесат телата“, вели Александар.
Во текот на 54 дена во руско заробеништво се водела вистинска битка за живот. Александар вели дека изгубил 20 килограми поради недостигот на храна и стресот што го доживеал додека бил затворен во училишната зграда. Од заробеништво е пуштен на 14 јуни.
„Бев во многу лоша состојба. Имав само 44 килограми. Не гледав ниту со едното ниту со другото око. Само еден ден нè изнесоа надвор и нè оставија", раскажа 66-годишниот Александар.
Заедно со него се ослободени уште 10 лица. Откако се ослободени, во училиштето биле донесени други затвореници, кои се држени таму до август.