Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека руското суспендирање на договорот за извоз на жито од Црното Море со посредство на ОН не е корисно за никого.
„Суспендирањето на оваа иницијатива нема да биде од корист за Русија, Украина или некој друг. Ние ги продолжуваме нашите разговори со украинскиот и рускиот министер за одбрана. Ќе се сретнеме со нив и ќе се обидеме да обезбедиме продолжување на оваа иницијатива“, им порача Акар на турските команданти преку видеоконференција во главниот град Анкара.
Акар ги даде неговите коментари откако Русија во саботата ја објави својата суспензија на договорот за извоз на жито од Црното Море со посредство на ОН.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули во Истанбул потпишаа договор за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
Акар рече дека ќе има телефонски повик со Шојгу подоцна во текот на денот за да разговараат за ова прашање, додавајќи дека Туркије ќе продолжи да работи во корист на мирот и помирувањето.
„Суспендирањето на оваа иницијатива го погодува целото човештво. Ги потсетуваме страните да ги преиспитаат своите одлуки. Како Туркије, направивме сѐ што можеме и за прекинот на огнот и за иницијативата за жито, и се обидуваме да го сториме тоа. Сите треба да знаат дека Туркије е подготвена да направи сѐ што треба да направи за да го прекине конфликтот што е можно поскоро“, нагласи Акар.
Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије ќе продолжи со напорите за изнаоѓање решение за глобалната криза со храна, како што правеше тоа досега, и покрај повлекувањето на Русија од договорот.