Алтун: Туркије стана глобален актер под водство на претседателот Ердоган / Photo: AA

Шефот на Дирекцијата за комуникации при Претседателството на Туркије, Фахретин Алтун, рече дека клучните политички избори на претседателот Ердоган ја одразуваат неговата посветеност во одбрана на интересите на турските граѓани во несигурниот свет.

„Туркије стана глобален актер под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган и ќе продолжи да презема конструктивни и стабилизирачки чекори без свиткување на колената“, истакна Алтун.

Алтун напиша писмо во весникот „The National News“ објавено денес, критикувајќи го написот кој „содржел неправедни и невистинити изјави“ против турскиот претседател и надворешната и националната безбедносна политика на земјата.

„Без оглед на перспективите на странските влади, турскиот народ сам ќе одлучува за иднината на нашата земја на претстојните избори - што е право кое многу нации уште го немаат“, наведе Алтун во писмото.

Писмото на Алтун следуваше како одговор на написот на колумнистката на „National News“ Рагида Дергхам под наслов „Како остатокот на светот гледа на повторниот избор на Ердоган“.

Во писмото, Алтун подвлече дека политиката на Ердоган е насочена кон воспоставување мир и стабилност во регионот и во светот.

Тој нагласи дека Туркије е активно вклучена во решавањето на конфликтот меѓу Русија и Украина, кој влијаеше на глобалниот недостиг на енергија и храна.

„Туркије беше домаќин на повеќе состаноци меѓу руските и украинските официјални лица, вклучително и нивните министри за надворешни работи, и посредуваше во договорот за жито за да се спречи глобална криза со храна“, напиша Алтун.

Според Алтун, балансираниот пристап на Ердоган кон конфликтот помогна да се разменат стотици руски и украински воени заробеници.

Алтун, исто така, потсети дека Туркије спроведува антитерористички операции во регионот додека „ е домаќин на повеќе сириски баратели на азил од која било друга земја“.

Алтун истакна дека Туркије, како втора по големина армија во НАТО алијансата, спроведе операции против ДАЕШ, ПКК/ЈПГ и други терористички групи во регионот.

Исто така, Туркије беше активен дел од воените операции под НАТО во Косово и Авганистан.

Побивајќи ги критиките за улогата на Туркије кон членството на Шведска и Финска, Алтун рече дека Туркије останува една од најмоќните членки во Алијансата.

„Во однос на апликациите за членство на Шведска и Финска, Туркије ја повтори својата посветеност на политиката на отворени врати на НАТО, но побара од тие земји повторно да ги разгледаат некои од нивните политики за кои Туркије верува дека ги поткопуваат вредностите на Алијансата“, рече Алтун.

TRT World
Популарни