Петицијата доаѓа по одлуката да се достават тенкови Леопард во Украина      Фото: Reuters

Петиција потпишана од над 600.000 граѓани на Германија апелира до владата да не презема чекори за ескалација на војната во Украина со достава на тешко вооружување, барајќи од германскиот канцелар Олаф Шолц да ги предводи дипломатските напори за прекин на огнот и мировни преговори.

Сара Вагенкнехт од левичарската партија и феминистичката авторка Алис Шварцер во рок од две недели собраа повеќе од половина милион потписи преку платформата change.org.

Гинтер Верхојген поранешен потпретседател на Европската комисија, бригаден генерал во пензија Ерих Вад, новинарите Франц Алт и Жизела Маркс, политичарите Оскар Лафонтен и Јирген Тоденхофер и политиколозите Хајо Функе и Улрике Гуерот беа меѓу првите потписници на петицијата.

„Украина со поддршка на Западот може да победи во поединечни битки. Но, не може да победи во војна против најголемата нуклеарна сила во светот“, велат авторите во петицијата и подвлекуваат дека „ниту една страна не може да победи воено“ и дека војната може да заврши само на преговарачка маса.

„Да се преговара не значи и да се предадеме. Преговарањето значи правење компромиси од двете страни со цел да се спречат уште стотици илјади смртни случаи и уште полошо“, нагласија тие.

Во петицијата канцеларот Олаф Шолц се повикува да ја запре ескалацијата на испораките на оружје за Украина и да започне дипломатска иницијатива за постигнување прекин на огнот и започнување мировни преговори што е можно поскоро.

„Затоа што секој изгубен ден чини до 1.000 човечки животи - и нè носи поблиску до Трета светска војна“, велат авторите на петицијата.

AA
Популарни