Јапонија ја враќа нуклеарната енергија на голема врата     Фото: / Photo: AP

Јапонија по повеќе од 10 години од катастрофалната нуклеарна катастрофа во централата Фукушима, повторно ќе ги активира нуклеарните реактори, во обид да го зголеми производството на електрична енергија, со што повторно околу една третина од генерирањето струја ќе го потпира на нуклеарната енергија.

Во 2011 година нуклеарната централа во Фукушима беше погодена од силно цунами предизвикано од земјотрес што предизвика пробивање на нуклеарниот реактор и огромна радијација.

Сепак, иако во последните 10 години дојде до постепено гасење на нуклеарните централи, Јапонија сега е принудена да се врати на бројките на производство на струја како пред инцидентот во Фукушима и практично „брзо“ да заборави на тогашните последици, сметајќи дека нуклеарната енергија е „чиста“.

Јапонија моментално има 54 реактори и 17 нуклеарни централи, со инсталирана нуклеарна моќност од 48,8 гигавати.

Од оваа година, 10 реактори активно произведуваат електрична енергија, со планови оваа бројка да се зголеми на 17 до летото 2023 година.

Новиот напреден реактор од 1,2 гигавати со лесна вода, наречен СРЗ-1200, треба да биде пуштен во употреба во текот на оваа декада.

Планот на Јапонија е до 2030 година уделот на производство на струја од нуклеарните централи да изнесува 22% што е драстично зголемување од сегашниот удел на нуклеарната енергија од само 1% во вкупното производство на електрична енергија.

Што со фосилните горива?

Една од причината за растот на нуклеарната енергија е намалување на учеството на фосилните горива во производство на електрична енергија како што се јаглен и нафта.

Секако тука е и природниот гас кој пред енергетската криза се сметаше за преоден извор на енергија до исклучување на термоцентралите, напуштање на фосилните горива и зголемување на производството од обновливи извори на енергија од сонце и ветер.

Сега околу една третина од годишното производство на струја во Јапонија од над 1.000 терават/часови се должи на природниот гас како енергенс, додека пак над 325 терават/часови се произведуваат со горење на јаглен, а околу 30 терават/часови со нафта како фосилно гориво.

Покрај целта од 22% за нуклеарната енергија, земјата има за цел да го прошири уделот на обновливите извори на енергија на 38%, а притоа да го намали делот на гасот на 20%, јагленот на 19% и нафтата на 2%.

Меѓу обновливите извори на енергија, целта е соларната енергија да стигне до учество од 15% од вкупното производство, хидроенергијата 11%, ветерот и биомасата по 5%, а геотермалната енергија 1%.

AA
Популарни