Авганистан: Во експлозија на цистерна со гориво загина најмалку 31 лице        Фото: АА

Најмалку 31 лице загина во експлозијата на цистерна со гориво што се случи во неделата во тунелот Саланг, единствениот премин што ги поврзува северните провинции на Авганистан со главниот град Кабул.

Шерафет Заман, портпарол на Министерството за здравство на привремената влада на Талибанците, изјави дека уште 37 лица се повредени во експлозијата. Силната експлозија предизвикала пожар во кој изгореле бројни возила во тунелот.

„Има луѓе заробени под урнатините. Ја продолжуваме операцијата за пребарување и спасување. Стравуваме дека бројот на жртвите може да биде значително поголем“, објави Заман.

Тунелот се уште е затворен за сообраќај поради експлозијата. Пожарот што избувна по експлозијата ги зафати и камионите што превезуваа јаглен.

Според првичните информации, експлозијата настанала како последица на превртување на цистерната.

AA
Популарни