Бројни студии го поврзуваат користењето на социјалните мрежи кај младите со пониска самодоверба и психолошки проблеми / Photo: Getty Images

Сенатот на Австралија усвои закони за забрана на пристапот до социјалните мрежи на децата и тинејџерите, што е прва ваква одлука на која било влада ширум светот.

Законите треба да стапат на сила на крајот на следната година, по што секој на возраст под 16 години ќе биде блокиран да користи платформи како TikTok, Instagram, Snapchat, Facebook, Reddit и Х.

Владата предводена од премиерот Ентони Албанесе го бранеше потегот, велејќи дека е „неопходен за да се заштити менталното здравје и благосостојбата на младите“.

Според новите закони, компаниите за социјални медиуми нема да можат да ги принудат корисниците да обезбедат владина идентификација, вклучително и дигитални лични карти, за да ја проценат нивната возраст.

Законодавството, усвоено од Долниот дом на Парламентот во средата, исто така, предлага големи казни за платформите што нема да се усогласат.

Претходно, Албанесе рече дека социјалните мрежи „прават општествена штета“.

„Сакаме австралиските деца да имаат детство и сакаме родителите да знаат дека владата ги поддржува. Ова е значајна реформа. Знаеме дека некои деца ќе најдат решение, но испраќаме порака до компаниите на социјалните медиуми да преземат одговорност“, рече тој.

Многу платформи за социјални медиуми имаат политики за ограничен пристап на малолетници кои ги користат нивните услуги, но се знае дека тие се широко игнорирани. Некои платформи се обвинети дека користат алгоритми за да ги направат тинејџерите зависни од нивните услуги, што компаниите категорично го негираат.

Бројни студии го поврзуваат користењето на социјалните мрежи кај младите со пониска самодоверба и психолошки проблеми.

AA
Популарни