Австрија објави дека ја забранила употребата на платформата TикТок на службените телефони на државните службеници од безбедносни причини.
Министерот за внатрешни работи на земјата, Герхард Карнер, за новинарите изјави дека одлуката е донесена во согласност со препораките на експертската комисија формирана при Министерството во февруари.
Истакнувајќи дека јавните службеници можат да користат ТикТок на своите лични уреди, Карнер рече дека употребата на апликацијата на официјалните мобилни телефони е забранета на федерално ниво и дека апликацијата доаѓа од Кина, што предизвикува различни грижи за безбедноста на информациите и податоците.
Заедно со федералната Влада, регионот на Горна Австрија, исто така, ја забрани употребата на ТикТок на корпоративните мобилни телефони на своите вработени од слични причини.
Многу земји во Европа и САД веќе ја забранија кинеската платформа за социјални медиуми на официјалните уреди што им припаѓаат на државните службеници.