Со резолуцијата изгласана вчера се бара од австриските власти да продолжат со активна поддршка на комеморацијата на геноцидот во Сребреница     Фото: Ројтерс

Австрискиот парламент едногласно ја усвои резолуцијата за геноцидот во Сребреница во Босна и Херцеговина, со која се оддава почит на повеќе од 8.000 Бошњаци, жртви на геноцидот извршен на 11 јули 1995 година.

Со резолуцијата изгласана вчера се бара од австриските власти да продолжат со активна поддршка на комеморацијата на геноцидот во Сребреница, заедно со другите членки на Европската унија (ЕУ) и го прогласија 11 јули за ден на жалост, истовремено осудувајќи го јавното негирање на масовните убиства.

Усвојувањето на резолуцијата дојде по официјалната посета на австриската министерка за правда Алма Задиќ на Босна и Херцеговина оваа недела.

Резолуцијата беше усвоена по повод 27. комеморација на етничкото чистење и геноцидот во Сребреница, која беше прогласена за заштитена зона со Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) од 16 април 1993 година.

„Силите на босанските Срби предводени од генералот Ратко Младиќ и врз основа на наредбата на тогашниот претседател на (ентитетот на Босна и Херцеговина) Република Српска го окупираа и потчинија овој град. Во текот на следните неколку дена беа извршени масакри под команда на генерал Младиќ во кои учествуваа војници, паравоени единици и нерегуларни полициски единици на босанските Срби“, се вели во соопштението.

Резолуцијата потсетува дека илјадници бошњачки мажи и момчиња кои барале заштита од Заштитните сили на Обединетите нации биле убиени.

„Во исто време, приближно 30.000 жени, деца и стари лица беа насилно протерани во голема операција за етничко чистење. Така, овој настан стана најтешкото воено злосторство во Европа од крајот на Втората светска војна“, се вели во резолуцијата.

„Одбележувањето на геноцидот во Сребреница и солидарноста со жртвите се клучни за подобра иднина за сите граѓани на Босна и Херцеговина, како и за зајакнување на историската свест дека таквите страшни злосторства никогаш не смеат да се повторат“, се заклучува во резолуцијата.


Геноцидот во Сребреница

Во јули 1995 година, Сребреница беше опколена од српските сили кои се обидуваа да им одземат територија на Бошњаците и Хрватите за да формираат држава.

Советот за безбедност на ОН ја прогласи Сребреница за „безбедна област“ во пролетта 1993 година. Сепак, српските трупи предводени од генералот Младиќ -- кој подоцна беше прогласен за виновен за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид -- ја зазедоа зоната на ОН.

Холандските трупи не успеаја да дејствуваат додека српските сили ја окупираа областа, убивајќи 2.000 мажи и момчиња во еден ден на 11 јули.

Околу 15.000 жители на Сребреница побегнале во околните планини, но српските војници фатија и убија уште 6.000 луѓе.

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека во Сребреница бил извршен геноцид.

На 8 јуни 2021 година, судиите на Трибуналот на Обединетите нации ја потврдија пресудата со која Младиќ е осуден на доживотен затвор за геноцид, прогон, злосторства против човештвото, истребување и други воени злосторства во Босна и Херцеговина.

TRT World
Популарни