Бајден подготвен да разговара со Путин за крај на војната во Украина / Photo: AA

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е подготвен да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за завршување на конфликтот во Украина, но истакна дека рускиот лидер сè уште не покажал желба за тоа.

„Има еден начин оваа војна да заврши: рационален начин - Путин да се повлече од Украина“, рече Бајден за време на прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон. „Тој очигледно нема да го стори тоа. Тој плаќа многу висока цена затоа што не го направи тоа, тој нанесува неверојатен, неверојатен масакр врз цивилното население во Украина.“

Американскиот претседател рече дека иако „нема конкретни планови“ за разговор со неговиот руски колега, доколку Путин одлучи дека е заинтересиран да стави крај на конфликтот, „би бил среќен да седнам со Путин за да видам што има на ум“.

„Тој сè уште го нема направено тоа. Во меѓувреме, сметам дека е апсолутно клучно, она што го рече Емануел, мораме да го поддржиме украинскиот народ. Идејата дека Путин некогаш ќе ја порази Украина е надвор од рамките на сфатливото“, додаде тој.

Бајден во Белата куќа го пречека Макрон на неговата прва државна посета на САД од неговото претседателствување, а двајцата лидери разговараа за широк спектар на теми, меѓу кои и војната во Украина, трговијата и енергетиката.

Во врска со Украина, Макрон рече дека Франција „никогаш нема да ги поттикнува Украинците да направат компромис што нема да биде прифатлив за нив, бидејќи тие се толку храбри и ги бранат своите животи, својата нација и нашите принципи.“

TRT Balkan / агенции
Популарни