Бајден, Трудо и Обрадор разговараа за економскиот развој и миграцијата / Photo: AA

Американскиот претседател Џо Бајден, канадскиот премиер Џастин Трудо и мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор се состанаа вчера во Мексико Сити на 10. Самит на северноамерикански лидери, кој се фокусира на заедничкиот економски развој и миграцијата.

Во воведните изјави пред почетокот на состанокот, кој е познат како Самит „Тројца пријатели“ (Three Amigos), лидерите на трите земји го пофалија трилатералното партнерство.

„Како континент, ние сме единствени. Ние сме три големи демократии посветени на слободата, човековите права, еднаквоста и создавањето реални можности за сите. Имаме длабоки врски како пријатели и трговски партнери“, нагласи Трудо.

Тој потсети на неизвесноста што владееше кога тогашниот американски претседател Доналд Трамп го отфрли Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА), ставајќи го на ризик трилатералното партнерство.

„За среќа, победи вербата во слободна и фер трговија. Повторно преговаравме и добивме уште подобар договор. Едноставно кажано, заедно сме и ќе бидеме посилни“, рече канадскиот премиер.

Американскиот претседател вети дека партнерството ќе инвестира во синџири на снабдување и критични минерали како што е литиумот за да се обезбеди изградба на „технологиите на иднината во Северна Америка“.

„На врвот на нашата денешна агенда е задржување на Северна Америка како најконкурентен и најпросперитетен економски регион во светот, а силата на економските односи меѓу нашите земји не само што ги поддржува високоплатените работни места во нашата земја, туку и создава огромен раст“, рече Бајден.

Трудо за литиумот изјави дека Канада не само што ќе го ископува минералот, туку ќе работи и на негова експлоатација и трансформација во литиумски батерии.

Покрај тоа, Обрадор објави дека трите земји се согласиле да формираат специјален комитет составен од 12 експерти чија задача ќе биде да ги мотивира, убедува и уверува бизнисмените, работниците и јавните службеници од трите земји за важноста на обединувањето во Северна Америка, а со цел намалување на увозот од Азија.

Што се однесува до миграцијата, Бајден нагласи дека миграцијата на западната хемисфера достигнала невидено ниво и му се заблагодари на Обрадор што ги прифатил мигрантите на кои им бил забранет влез во Соединетите Американски Држави (САД).

Лидерите на Мексико и САД, исто така, инсистираа на потребата од програми кои овозможуваат уреден и редовен влез во САД, како што е програмата неодамна објавена од администрацијата на Бајден која дозволува прифаќање до 30.000 мигранти од Никарагва, Куба, Венецуела и Хаити.

Мексиканскиот лидер го повика Бајден да го пренесе барањето до американскиот Конгрес за регулирање на миграциската ситуација на милиони Мексиканци кои со години живеат и работат во САД.

Обрадор, исто така, му се заблагодари на Трудо што примил повеќе од 25.000 мексикански работници со издавање привремени работни визи и му се заблагодари на Бајден што се воздржал од продолжување на изградбата на ѕид вдолж границата меѓу Мексико и САД.

„Вие, претседателе Бајден, сте првиот претседател на САД кој по многу долго време нема изградено ниту еден метар ѕид и ви благодариме за тоа“, рече Обрадор.

TRT Balkan / агенции
Популарни