Американскиот претседател Доналд Трамп викендов ќе воведе нови царини за Канада, Мексико и Кина, соопшти во петокот Белата куќа, отфрлајќи ги медиумските извештаи дека крајниот рок за воведување е одложен.
Тарифите стапуваат на сила во сабота, вклучително и 25 отсто увозна тарифа за сите стоки од Канада и Мексико, како и казнена тарифа од 10 отсто за увоз од Кина, која портпаролката Каролина Левит рече дека е наметната „поради нелегалниот фентанил што тие го набавуваат и дозволиле да се дистрибуира кај нас“.
„Ова се ветувања дадени и остварени ветувања“, додаде таа.
Канада ќе одговори веднаш и силно ако САД ја исполнат заканата за воведување царини, изјави во петокот премиерот Џастин Трудо, предупредувајќи ги Канаѓаните дека може да се соочат со тешки времиња.
„Подготвени сме кога станува збор за одговор - намерен, силен, но во исто време разумен и моментален одговор. Тоа не е она што го сакаме, но ако тој преземе нешто, ќе го направиме и ние“, рече Трудо.
Пекинг вети дека ќе ги заштити своите „национални интереси“, а портпаролката на МНР предупреди дека „нема победници во трговската војна“, додека мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изрази уверување дека Мексико ќе избегне царини.
„Американскиот претседател се уште не одлучил кога САД ќе воведат царини за Европската унија“, изјави во петокот Ливит.
Ливит одби да одговори дали ќе биде воведена единствена тарифа за сите или дали тарифите ќе се разликуваат меѓу членките на ЕУ.