Борел по средбата меѓу Вучиќ и Курти: Ставовите за природата на ЗСО далечни / Photo: AA

Во Брисел синоќа заврши новата рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската Унија (ЕУ), при што беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица и беше претставен нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО).

Декларацијата за исчезнатите лица беше прва точка на дневниот ред на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак.

Вучиќ по средбата изјави дека „јасно е дека Приштина не сака да ја исполни обврската за ЗСО“.

Вучиќ: Не сум оптимист

„Би рекол дека сум многу загрижен, бидејќи по клучното прашање, прашањето за формирање на ЗСО, јасно е дека Приштина не сака да ја исполни обврската. Јасно ми е, дојдовме до ѕид. Тоа беше јасно од моментот кога беше претставен нацрт-статутот за ЗСО“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека нема ниту една точка во која се споменува нешто што веќе не е потпишано.

Коментирајќи ја ситуацијата по, како што рече, „срамните избори на северот на Косово, ЕУ излезе со свој предлог“.

„Јас прифатив, Приштина одби. Мислам дека е многу важно да се надмине таа ситуација“, рече Вучиќ и додаде:

„Се надевам дека во следната рунда ќе има реакции на некои други кои би можеле да влијаат на промена на ваквите ставови, не сум оптимист, но можам да ветам дека ќе направиме сè за да ги зачуваме мирот и стабилноста“, изјави српскиот претседател.

Вучиќ изрази надеж дека разговорите ќе продолжат и дека во иднина ќе се постигнат некои договори.

„Или ќе биде прифатено она што беше договорено во 2013 и 2015 година или ќе биде крај на сè. Не сакам да зборувам во име на ЕУ, доволно разбраа во ЕУ. Предупредив дека ќе се случи тоа од самиот почеток“, изјави Вучиќ.

На крајот повтори дека позитивно на денешната средба е што се разговарало и се усвоила Декларацијата за исчезнати лица. На посебна прес-конференција по средбата, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, посочи дека е многу важно што е усвоена Декларацијата за исчезнати лица и презентиран нацрт-статутот за Заедницата на општини со српско мнозинство.

Борел: Важни, но симболични чекори

„Конечно го постигнавме тоа, конечно го постигнаа тоа. Ова е важно хуманитарно прашање. Многу семејства кои долго време страдаа заслужуваат да ја знаат судбината на своите најблиски. Конечно дојде време да се затвори оваа болна страница. Ова е важно поглавје кое завршува по долги разговори“, рече Борел.

Тој посочи дека страните презеле важни, но симболични чекори во контекст на договорот за формирање Заедница на општини со српско мнозинство.

„Денеска, тим од претставници составен од косовски Срби конечно им го претстави првиот нацрт на страните. Ова не е конечен нацрт, но сега го имаме првиот нацрт на статутот за Заедницата на општините со српско мнозинство. Презентацијата на овој нацрт е важен дел од договорот“, изјави Борел.

На крајот тој рече дека, како што е очекувано, ставовите на двете страни се различни за природата на Заедницата на општините со српско мнозинство.

„Не очекував ништо друго. Бев сигурен дека страните ќе имаат различни мислења. Иако за ова не се согласуваат, се договорија во блиска иднина да почнат преговори за иднината на Заедницата на општините. Сакам да ги поканам и двете страни конструктивно да влезат во овој процес и да бидат подготвени за компромис. Ќе помогнеме во процесот да се постигне конечен договор, почнувајќи од нацртот презентиран денеска“, изјави Борел на крајот.

TRT Balkan / агенции
Популарни