Бројот на загинати во пукањето во училиштето во централниот дел на Шведска се искачи на 11, при што се верува дека напаѓачот е меѓу загинатите.
Властите треба допрва да го соопштат бројот на повредени, при што полицијата предупреди дека бројот на загинати би можел да се зголеми, соопшти СВТ.
„Засега немаме комплетна слика за бројот на повредените“, соопшти портпаролот на полицијата Фредрик Сведемир.
Тој додаде дека состојбата и понатаму е неизвесна за лицата кои добиваат лекарска помош.
„Бидејќи исто така немаме информации за состојбата со повредите на оние кои се лекуваат во болница, за жал, постои ризик бројката да не застане на единаесет“, рече Сведемир.
Пукањето се случи во вторник околу 12:30 часот во градот Еребро во едукативен центар што го посетуваат лица кои немаат завршено основно или средно училиште.
Полицијата истакна дека властите веруваат дека сторителот е меѓу загинатите и дека не очекуваат дополнителни напади.
Од полицијата додаваат дека сторителот дејствувал сам, но мотивот за нападот сѐ уште не е јасен.