Бројот на загинати во силниот земјотрес што го погоди Тибет порасна на 95 / Photo: AA

Бројот на загинати во силниот земјотрес со магнитуда од 6,8 степени што денес го погоди јужниот кинески регион Тибет се искачи на 95, објавија државните медиуми.

Најмалку 130 лица се повредени, според кинеската агенција Синхуа на англиски јазик.

Се наведува дека спасувачите се борат со ниските температури додека трагаат по преживеани низ урнатините.

Земјотресот го погоди градот Сигазе во автономната област Сизанг, локалното име за Тибет, во 9:05 часот по локално време, и е регистриран на длабочина од 10 километри.

Претставниците на локалната самоуправа се обидуваат да стигнат до различни населени места за да ги проценат последиците од земјотресот, додека кинеската војска испрати дронови за точно утврдување на епицентарот на земјотресот.

Видеата и фотографиите од Тибет покажуваат оштетени куќи, додека спасувачкиот персонал трага по луѓе заробени под урнатините.

Американскиот геолошки институт регистрираше магнитуда на земјотресот од 7,1 степени.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг им наложи на надлежните да направат сеопфатни напори за пребарување и спасување на луѓето заробени под урнатините.

Народноослободителната војска подготви итен план за помош при катастрофи - транспорт, медицински авиони, хеликоптери и копнени сили како помош во спасувачките операции.

TRT Balkan / агенции
Популарни