Бројот на загинати во земјотресот што во понеделникот ја погоди Кина, се искачи на 82 лица, а неколку илјади луѓе учествуваат во спасувачките операции.
Кинеските власти користат беспилотни летала, сателити и хеликоптери за да стигнат до отсечените области во Сечуан, кои во понеделникот беа погодени од земјотрес со јачина од 6,8 степени.
Кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“ објави дека бројот на загинати се искачил на 82, додека повеќе од 250 се повредени.
Се врши интензивна потрага за пронаоѓање на исчезнатите жители.
Според кинескиот мрежен центар за земјотреси, земјотресот го погодил округот Лудинг во тибетската автономна област Гарзе на длабочина од 16 километри во понеделникот попладне. Тоа е најсмртоносниот земјотрес од земјотресот во 2008 година кога загинаа илјадници луѓе. Истата провинција беше погодена од друг силен земјотрес во 2017 година, при што загинаа 25 луѓе.
Над 10.000 спасувачи, вклучително и војници, полицајци, пожарникари и медицински персонал поддржани од девет хеликоптери се ангажирани во операциите за спасување и помош.
Кинеските власти користеа најмалку 10 сателити за да ги лоцираат луѓето во отсечените региони, при што над 50.000 други беа преместени на побезбедни места.
Помали последователни потреси зафатија многу области околу округот Лудинг.
Земјотресот сериозно оштети куќи, историски локалитети, патишта, објекти за вода и хидроцентрали, а ги погоди и снабдувањето со електрична енергија и телекомуникациите.
Историски локалитет стар 104 години, каде што живеел и одржувал состаноци покојниот кинески лидер Мао Ѕедунг, исто така, бил оштетен од земјотресот.