Министерот за надворешни работи на Република Туркије, Мевлут Чавушоглу и неговиот колега од Финска, Пека Хависто, разговараа за процесот на проширување на НАТО во контекст на приемот на Финска и Шведска.
Неименувани дипломатски извори соопштија дека Чавушоглу и Хависто имале телефонски разговор за актуелната ситуација во Украина, како и за договорот од Истанбул за извоз на жито од украинските пристаништа преку Црното Море.
Повеќе од 10 милиони тони украинско жито се испорачани откако Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина го потпишаа договорот кон крајот на јули. Неодамна беше продолжен за уште 120 дена, повторно преку напорите за посредување на Туркије и ОН.
Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, истакна дека Туркије решително ќе ја продолжи борбата против тероризмот во рамките на операцијата „Канџа-меч“.
Во неделата Туркије ја започна прекуграничната воздушна операција „Канџа-меч“ против терористичката организација ЈПГ/ПКК, која има засолништа во северен Ирак и Сирија.
Воздушните напади беа одговор на терористичкиот напад што го извршија терористите на ЈПГ/ПКК на 13 ноември во фреквентната улица „Истиклал“ во Истанбул, при што загинаа 6 лица, а 81 беа повредени.