Мотивите за нападот засега не се познати / Photo: AFP

Тајландската полиција во вторникот објави дека уапсила вооружено 14 годишно момче по пукањето во луксузен трговски центар во главниот град Бангкок, во кое според службите за итни случаи загинале три лица, а четворица се ранети.

Детективското одделение на полицијата на својата Фејсбук страница објави дека момчето, кое е осомничено за нападот, е уапсено и приведено на распит поради инцидентот во трговскиот центар Сиам Парагон.

Службите за итни случаи споделија фотографија од полицаец, кој апси и става лисици на лице кое лежи со лицето на земја, како и пиштол, со кој е извршено убиството.

Мотивите за нападот засега не се познати.

Тајландскиот премиер Сретта Тависин објави дека добил полициски извештај дека напаѓачот е уапсен и дека ситуацијата сега е под контрола.

Видеата објавени претходно на социјалните мрежи покажаа сцени од хаос во кои се гледаат толпи луѓе и деца како трчаат од трговскиот центар додека обезбедувачите забрзано ги евакуираат.

Вооружените напади не се невообичаени во Тајланд. Минатата година, поранешен полицаец уби 22 деца во градинка, а во 2020 година, војник застрела и уби најмалку 29 луѓе и рани 57 во и околу тајландскиот град Након Рачасима.

TRT Balkan / агенции
Популарни