Милојко Спајиќ: Први затворени поглавја за Црна Гора по седум години / Photo: AA

Црна Гора затвори три нови преговарачки поглавја на патот кон членство во Европската унија.

„Права на интелектуална сопственост“, „Информатичко општество и медиуми“ и „Претприемништво и индустриска политика“ се поглавјата кои Црна Гора успеа да ги затвори. Земјата затвори шест поглавја откако ЕУ ги отвори преговорите за членство во 2012 година.

„Голем чекор напред за Црна Гора, бидејќи досега затворивме само три поглавја, последното во јуни 2017 година. Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ во 2008 година, а пристапните преговори ги отвори во јуни 2012 година и досега ги отвори сите поглавја од преговорите“, рече Милојко Спајиќ, премиер на Црна Гора.

Технички се беше подготвено Црна Гора да го затвори и поглавјето „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“. Сепак, Хрватска, една од членките на ЕУ и сосед на Црна Гора, не даде согласност поради прашањето на исчезнатите лица за време на минатата војна, односно обештетувањето на затворениците.

Една од причините за блокирање на затворањето на ова поглавје е именувањето на Градското пливалиште во Котор по поранешниот ватерполист Зоран Гопчевиќ, за кого Хрватска тврди дека бил чувар во логорот „Морињ“, каде што затворениците биле убивани и мачени за време на војната во 1990-тите, најмногу од подрачјето во Дубровник.

TRT Balkan / агенции
Популарни