Данска го поддржува украинското користење на авионите Ф-16 / Photo: AA

Данска вчера соопшти дека украинската употреба на млазните авиони Ф-16 што ѝ ги испорача Данска за напад на воени цели на руска територија била во рамките на правилата на војната, објавија украинските медиуми.

„Целосно е во рамките на воените правила, земјата што е нападната мора да биде во состојба сама да одговори“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Расмусен за новинарите во Брисел.

Тој истакна дека Копенхаген заедно со Холандија формирал коалиција на борбени авиони за Украина во јули 2023 година, со цел да им ги даде авионите Ф-16 на украинските воздухопловни сили, како и да помогне во обуката на пилотите и техничкиот персонал за управување со авионите од четвртата генерација.

Шефот на данската дипломатија повтори дека испораката на авионите Ф-16 не е „карт бланш“ за Украина за да започне произволни напади врз Русија, туку да се искористат можностите да се ослаби руската војска со напади врз воени објекти на руска територија.

Во февруари Данска и Украина потпишаа десетгодишен договор за безбедност.

TRT Balkan / агенции
Популарни