Според Ван Вел вештачката интелигенција го зајакнала одговорот на Украинците на нападите / Photo: AA

Војната во Украина покажува како изгледа иднината на војувањето, изјави помошникот генерален секретар на НАТО за нови безбедносни предизвици, Дејвид ван Вел.

„Иако конвенционалното оружје, вклучително и тенкови и артилерија, и тактиките како ровови се широко користени на бојното поле, современите технологии што Алијансата и ги обезбеди на Украина од 2014 година одиграа клучна улога во зајакнувањето на отпорноста на Киев против Москва“, рече Дејвид Ван Вел во ексклузивното интервју за Агенција Анадолија.

Тој истакна дека кога започнала војната во Украина на 24 февруари, руските напади не биле ограничени на опипливи цели и дека Москва го погодила и сајбер просторот на земјата. Но според Ван Вел помошта на НАТО, како и приватните технолошки компании, му овозможиле на Киев да се спротивстави на руските напори.

Ван Вел истакна дека вештачката интелигенција исто така го зајакнала одговорот на Украинците на нападите со тоа што ги информирала за локацијата и намерите на руските трупи. Според Ван Вел НАТО има најразвиен иновациски екосистем, кој вклучува едни од најдобрите универзитети и технолошки компании во светот.

„Она што е важно е преведувањето на нивниот потенцијал и технологии во воена употреба. Ова е еден од приоритетите на алијансата“, смета Ван Вел.

Запрашан за беспилотните летала од турско производство што Украина ги користи на бојното поле, висок функционер на НАТО рече дека тие играат голема улога во Украина. Ван Вел нагласи дека турската индустрија за беспилотни летала е многу добар пример за енергичниот иновативен екосистем.

„Тоа е добар пример за тоа што може да направи иновацијата во модерното војување“, рече Ван Вел.

TRT Balkan / агенции
Популарни