Илјадници демонстранти ги блокираа улиците низ Израел во рамките на протестот „Денот на отпорот“, кој беше организиран против планот на Владата за реформи во правосудниот систем.
Локалните извори јавуваат дека демонстрации се одржуваат на улиците и железничките станици во неколку израелски градови.
„Демонстрантите затворија дел од улицата Каплан за сообраќај во Тел Авив, а патот што ги поврзува Тел Авив и Хаифа е затворен во двете насоки“, соопшти израелската радиодифузна управа.
Истиот извор јавува дека група демонстранти упаднале во зградата на берзата во градот Рамат Ган во близина на Тел Авив.
Израелската полиција соопшти дека се уапсени седуммина демонстранти под сомнение дека го нарушиле јавниот ред.
Во последните месеци Израел беше средиште на политичка криза поради планираните реформи во судството.
Израелската опозиција го обвинува премиерот Бенјамин Нетанјаху, кому му се суди по обвиненија за корупција, дека сака да преземе поголема контрола врз судството преку реформата.
Нетанјаху ги негира обвинувањата и отфрла каква било поврзаност меѓу промените во судството и неговиот случај.