Демонстрантите синоќа фрлаа молотови коктели, шишиња и тули врз полицајците во главниот град на Северна Ирска, Белфаст.
Насилствата избувнаа синоќа во неколкуте протести низ Велика Британија, а толпа од над 200 луѓе се собра пред Исламскиот центар во Белфаст.
Според Белфаст Телеграф, полицијата за брзо распоредување со дронови излегла на терен, а против демонстрантите користела и пластични куршуми.
Синоќа насилството, главно, било предизвикано од „лојалистите“ кои традиционално им се спротивставуваат на ирските националисти, чија цел е обединување на Северна Ирска и Република Ирска.
„Никаде на нашиот остров нема место за расизам или напади врз малцинските заедници“, напиша првата министерка Мишел О’Нил на X по претходните немири во саботата, во кои беа уништени и оштетени бизнисите во сопственост на бегалци-муслимани.
О'Нил рече дека е „од суштинско значење да се осигури дека одговорните за предизвикување и организирање на расистичкото насилство во саботата ќе се соочат со силата на законот“.
- Насилството на крајната десница -
Во Обединетото Кралство со денови траат немири предизвикани од крајната десница, во кои насилни толпи скандираат расистички и исламофобични навреди и ги таргетираат муслиманите, малцинските групи и мигрантите.
Немирите беа поттикнати од дезинформациите на интернет дека лицето уапсено како осомничено за фаталниот напад со нож во Саутпорт, Англија, минатата недела било муслимански барател на азил, тврдење што било лажно.
Три девојчиња беа убиени, а уште пет деца беа тешко повредени при напад со нож додека оделе на час по танц минатиот понеделник.
Во средата крајно десничарските групи повторно се организираа за поголеми нереди против центрите за азил и миграција во Лондон и низ Велика Британија.
„Ќе има истрага за криминалците и насилниците што учествувале во насилството на улиците, палењето објекти, нападите на џамиите, ограбувањето на продавниците и поттикнувањето на расистичко насилство на интернет“, ги предупреди министерката за внатрешни работи Ивет Купер крајно десничарските групи преку социјалната мрежа X.
Инаку, Белфаст е град во Северна Ирска каде што беше воспоставен нестабилен мир по долгогодишните насилства.
Северноирскиот конфликт - ерата на конфликт меѓу британската Влада и пробританските паравоени сили од една страна и ирските републиканци и националисти од друга страна - заврши во 1998 година кога со Договорот од Белфаст се стави крај на децениската вооружена борба во поделениот регион на Обединетото Кралство во Северна Ирска.
На 10 април 1998 година Обединетото Кралство и Република Ирска го потпишаа Договорот со посредство на САД и осум политички партии од Северна Ирска.
Договорот од Белфаст, наречен и Договор на Велипеток, во голема мера стави крај на Северноирскиот конфликт, во кој животите ги загубија 3.500 луѓе.