Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го назначи Дејвид Сакс, инвеститор на ризичен капитал и подкастер, за советник и координатор за областите на вештачката интелигенција и криптовалутите.
Таа одлука Трамп ја објави на социјалната мрежа Тру Сошиал (Truth Social).
Работата на Сакс ќе вклучува создавање на правна рамка за криптовалути, како и водење на претседателскиот совет за наука и технологија.
„Дејвид ќе се фокусира на тоа Америка да стане глобален лидер во двете области. Тој ќе ја брани слободата на говорот на интернет и ќе не оддалечи од предрасудите и цензурата на големите технолошки компании“, рече Трамп.
Сакс стана истакнат поддржувач на Трамп претходно оваа година, кога тој беше домаќин на вечера за собирање пари за претседателската кампања на неговиот имот во Сан Франциско.
Билетите беа продадени за 50.000 долари, а имаше пакети од 300.000 долари кои вклучуваа привилегии како фотографија со Трамп.
Сакс првично беше остар критичар на Трамп по нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година, кога изјави дека Трамп е одговорен за тие настани.
Сакс стана познат и по неговиот подкаст „Ол Ин“(All-In).
Трамп го нарече тој подкаст „најдобар во технолошката индустрија, каде што Сакс и неговите пријатели разговараат за економски, политички и социјални прашања“.
Дејвид Сакс е јужноафриканско-американски претприемач и инвеститор препознатлив по неговите влијателни улоги во технолошката индустрија.
Сакс беше главен оперативен директор на ПејПал (PayPal) и одигра клучна улога во трансформирањето на компанијата во глобален лидер во онлајн плаќањата.
По купувањето на ПејПал од страна на иБеј (eBay) кон крајот на 2002 година, Сакс го основаше Јамер (Yammer), платформа за социјално вмрежување за бизниси што беше купена од Мајкрософт.
Во 2017 година, тој е ко-основач на Крафт Венчрс (Craft Ventures).
Фирмата за ризичен капитал инвестираше во бројни успешни технолошки фирми како СпејсХ, Убер, Аирбнб, БитГо и Реддит.