Државната дума на Русија на пленарна седница денеска ја усвои предлог резолуцијата за именување на Михаил Мишустин за премиер.
За овој предлог гласаа 375 пратеници, 57 беа воздржани, додека ниту еден од пратениците не гласаше против, пренесуваат руските медиуми.
Новиот премиер треба да поднесе предлози за структурата на федералните извршни тела до претседателот на Русија најдоцна една недела по неговото именување.
Премиерот во рок од 14 дена ја доставува на одобрување до Државната дума кандидатурата на вицепремиерот и федералните министри, освен за шефовите на безбедносниот блок и на Министерството за надворешни работи, за кои се применува посебна процедура.
Долниот дом на парламентот најдоцна во рок од една недела одлучува за кандидатите што ги поднесе премиерот.
Лицата предложени од него за позиции ги именува претседателот на Руската Федерација.
Шефовите на Министерството за одбрана, ФСБ, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за вонредни ситуации и Министерството за надворешни работи ги именува самиот претседател по консултација со Советот на Федерацијата.
Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска до Државната Дума поднесе предлог за повторна кандидатура на Михаил Мишустин за премиерската функција.
Мишустин досега беше премиер на Русија, а на таа функција беше избран во 2020 година.
Пред тоа, тој беше на чело на Федералната даночна служба од 2010 година.