Две лица загинаа, а неколку други се повредени додека пожарот во Лос Анџелес продолжува да се шири, соопштија денеска властите во Калифорнија на прес-конференција.
Во Лос Анџелес беснеат три големи пожари, а пожарникарите водат натчовечка битка со огнената стихија, која дополнително ја разгорува силниот ветер што дува и до 160 километри на час.
Состојбата е катастрофална, се повеќе згради се претвораат во пепел, а сликите кои пристигнуваат ја покажуваат моќта на пожарот кој е невозможно да се контролира.
Началникот на пожарникарите во Лос Анџелес, Ентони Мароне, изјави дека пожарот во Итон изгорел повеќе од 800 хектари и продолжува да се шири со „нула проценти контрола“.
„Повеќе од 500 луѓе беа ангажирани во пожарот во Итон. Пријавени се двајца загинати цивили, како и голем број сериозно повредени“, рече тој.
Како што наведе, уништени се повеќе од 100 објекти.
Мароне додаде дека причината за пожарот е непозната и дека истрагата е во тек.
Противпожарната служба соопшти дека мора да се справи со „тешкиот терен“ и екстремната брзина на ветерот.
При гаснење на пожарот е повреден еден пожарникар.
Шумски пожари кои брзо се шират го зафатија подрачјето на Лос Анџелес, што предизвика задолжителна евакуација на повеќе од 80.000 луѓе.
Пожарот во населбата Палисадес веќе уништи речиси 2.900 хектари.