Најмалку 18 вооружени лица загинаа, а девет беа повредени кога се обидоа да упаднат во претседателската палата во главниот град на Чад.
Нападот се случил во населбата Џамбал Бахр во Нџамена во судир меѓу стражарите на палатата и вооружените напаѓачи.
Престрелката, која траела околу еден час, била ставена под контрола од безбедносните сили доцна во ноќта.
За време на нападот загина и еден владин функционер.
Идентитетот на напаѓачите не е објавен, а некои извори шпекулираат дека нападот можеби го извршила терористичката група Боко Харам, но засега нема потврда од официјални лица.
Владата на Чад го означи нападот како „обид за државен удар“.
Не е објавено каде се наоѓал претседателот Махамат Идрис Деби Итно за време на нападот.
Видеата кои кружат на социјалните мрежи ги прикажуваат напаѓачите облечени во цивилна облека.
Претседателот Идрис Деби Итно почина во април 2021 година додека ја водеше операцијата против сепаратистичката група Фронт за промени и согласност во Чад (ФАКТ) на северот на земјата.
Неговата смрт предизвика транзициски период, при што неговиот 37-годишен син Махамат го презеде раководството на Воениот преоден совет.
Во следните месеци, Махамат вети дека ќе се одржат избори по 18-месечна транзиција и дека власта ќе им биде предадена на цивилите. Но, во октомври 2022 година, Националниот форум за дијалог го продолжи преодниот период за уште две години, дозволувајќи му на Махамат Деби да се кандидира за претседател на изборите во 2024 година.
Тој беше избран за претседател откако на изборите на 6 мај освои 61 отсто од гласовите.
На 28 ноември владата на Чад објави раскинување на договорот за соработка во областа на безбедноста и одбраната со Франција.
Некои француски трупи почнаа да се повлекуваат од Чад на 10 декември и претседателот Деби потврди дека сите француски сили ќе бидат целосно повлечени до 31 јануари 2025 година.