Маск вели дека верува во апсолутна слобода на говорот, но има ли и други мотиви?     Фото: Reuters

„Го обожувам Твитер“, напиша Илон Маск во 2017 година, а еден корисник му реплицираше „Тогаш зошто не го купиш?“. Маск реторички запраша „Колку чини?“.

Одговорот го доби пет години подоцна, во зделка која ќе го чини речиси 45 милијарди американски долари. Со купувањето на Твитер доаѓа и огромен притисок од јавноста, од политичарите, но и од регулаторите.

Најбогатиот човек на планетата има доволно успешни бизниси, но што го мотивираше да вложи токму во Твитер и дали сѐ уште воопшто сака да го реализира преземањето во пресрет на судскиот спор со технолошкиот гигант?

Јавен непријател на „разбуденоста“

Маск долго време ја критикуваше „воук“ културата во западното општество. Според него слободата на говор не смее да биде ограничена.

Инаку „воук“ или „разбуденоста“ се однесува на луѓе кои водат битки претежно на социјалните мрежи, наводно застанувајќи во одбрана на маргинализирани групи од „навреди“ и најчесто се скандализираат од настапи на комичари и се залагаат за забрана на серии, филмови, книги, песни и содржини во кои има потенцијална навреда за некого.

Спротивно на нив, на пример професорот Џордан Питерсон, еден од главните противници на „воук“ движењето смета дека никогаш, никаде не може да кажете нешто за важно прашање без да навредите барем една личност. Затоа не може да постои „право да не се биде навреден“.

„Во суштина „разбуденоста“ предизвикува поделби, исклучување и омраза. Им дава на злобните луѓе штит со кој може да бидат сурови и лоши, обложени со лажна доблест“, рече Маск во интервју за конзервативниот сатиричен сајт „Вавилонска пчела“.

Тој застана во одбрана на комичарот Дејв Шапел кој беше нападнат од „воук“ активисти на Твитер за шега насочена кон трансродово лице, барајќи неговата кариера да биде уништена, а стриминг сервисот Нетфликс да му ги забрани сите шоуа.

Неодамнешниот напад врз Џо Роган, водителот на најслушаниот поткаст во светот, исто така беше иницијална каписла за здружување на непријателите на „разбуденоста“.

Ако Џо Роган беше „протеран“ од Спотифај се шпекулираше дека ќе се здружи со Маск, Шапел, Питерсон и други „отпадници“ во сопствена платформа за поткасти и социјални медиуми. До таков чекор не дојде, но се чини дека непријателите на „разбуденоста“ добиваат се поголема поддршка од нивните стотици милиони следбеници.

Прогласен за непријател на „воук“ културата     Фото: AA

Херој на десницата, омразен од левицата

Додека десничарите во САД го слават Маск како херој, предводник на определбата за слободата на говорот, левичарите сметаат дека тој е „опасност за демократијата“ па така неколку селебрити личности и инфлуенсери ги избришаа профилите на Твитер.

„Слободата на говорот е основата на функционална демократија и Твитер е јавниот градски плоштад каде се дебатира за сите прашања од витално значење за нашата иднина“, потенцира Маск.

Мејнстрим либералните медиуми испраќаа извештаи дека дел од вработените на Твитер се во длабок шок, некои се исплашени за својата иднина, а дел од нив дека ја напуштиле компанијата.

„Се надевам дека и моите најголеми критичари ќе останат на Твитер, затоа што тоа значи слобода на говорот“, им порача Маск на заканувачите дека платформата ќе остане „пуста и потоксична од било кога“.

Каков Твитер ќе постои со Маск?

Твитер долго време се воспеваше како платформа на која дел од либералната политичка елита може да ги споделува своите ставови и слободно да разменува информации. Барак Обама со над 130 милиони следбеници во голема мера успеа преку платформата да анимира млади гласачи и да победи на американските претседателски избори со кампањата „Ние можеме“ во 2008 година.

Но, „тренди, духовитите и кул твитерџиите“ набрзо беа стигнати од фарми со ботови, често организирани од држави и авторитарни центри кои сакаат да постигнат се, освен либерална демократија.

Не требаше долго време да помине и Твитер просторот да го освојат и радикалните политички струи, како на десницата, така и на левицата. Платформата долго време е и жариште на лажни вести, теории на заговор, говор на омраза, сајбер насилство и таргетирање на неистомисленици.

Но, сите овие етапи како да беа „нормална“ појава од која „страдаа“ и останатите социјални мрежи, особено Фејсбук кој беше на тапет со бројните проблеми. Тоа што ја прели чашата беше фуриозноста на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. По упадот на Капитол Хил, неговиот профил со над 80 милиони следбеници беше целосно блокиран. Трамп беше испратен во дигитален прогон, без никаков пристап до големите социјални мрежи.

Настрана политиките и постапките на Трамп, се постави дилемата дали социјалните мрежи имаат дискреционо право да блокираат поединци, активисти, политичари и јавни личности. Трамп беше делумно блокиран и пред да избијат насилните протести на 6 јануари 2021 година.

Но, „битката“ за просторот на Твитер е многу поголема отколку профилот на Трамп. Најголем мотив на Маск е да овозможи еднаков пристап на сите политички струи, без некого да фаворизира или спротивно да сатанизира и антагонизира.

Маск веќе вети дека секој корисник ќе биде верификуван, до последно ќе се бори со ботовите и дека алгоритмите за приказ на информации ќе бидат јавно достапни за сите да знаат како социјалната мрежа функционира во позадина, без простор за нагаѓања и шпекулации кои потоа водат и кон теории на заговор.

Малку „културна војна“, малку даночна политика

Маск во едно јавно излагање откри дека годишно плаќа над 10 милијарди долари во даноци. Исто така не криеше дека е незадоволен од даноците и регулативите на сојузната држава Калифорнија која со години е управувана од левичарската Демократска партија.

Затоа ги префрли сите компании во Тексас, главното упориште на Републиканците, каде владеат конзервативци кои се залагаат за минимална владина интервенција на слободниот пазар, поголема дерегулација и ниски даноци кои ќе го поттикнат претприемништвото и економскиот раст за сметка на социјалната редистрибуција.

Не е тајна дека подолго време републиканците го фалат Маск како „најуспешната претприемачка приказна на 21 век“ и повеќе сојузни држави под нивна контрола се тркаат да добијат дел од неговиот бизнис, некои веќе отворено го канат да го префрли седиштето на Твитер кај нив од Калифорнија.

Маск ќе има силна машинерија за споделување информации под негова контрола, која ќе ја приватизира, планирајќи компанијата да ја тргне од берза.

Неговиот удел во „културната“ војна како што ја нарекуваат претежно конзервативните и либертаријанските инфлуенсери, во наредните години се очекува да се засили.

Можеби оваа инвестиција на Маск ќе му се исплати како финансиски, така и според досегот на влијанието, но сигурно е дека драстични промени во начинот на кој се формираат наративите и јавните дискусии на социјалните мрежи, се неизбежни.

TRT Balkan
Популарни