Талибанските борци една година ја одржуваат нововоспоставената власт, откако странските војски на Соединетите Американски Држави (САД) и сојузниците направија повлекување од земјата по 20 години окупација.
Додека повлекувањето според многумина беше оценето како хаотично, талибанците ја искористија можноста да освојат големи делови од територијата на Авганистан и речиси без посериозен отпор на авганистанските вооружени сили повторно да го воспостават нивниот режим на владеење.
Талибанците слават и без меѓународно признавање
Талибанската група ја одбележа првата годишнина од нивното враќање на власт во Авганистан со национален празник.
„Ја исполнивме обврската за џихад и ја ослободивме нашата земја“, изјави талибанскиот борец Нијаматула Хекмат.
Тој влезе во Кабул на 15 август минатата година само неколку часа откако тогашниот претседател Ашраф Гани побегна од земјата.
Пред точно една година, групата го зазеде Кабул откако нивната национална молскавична офанзива против владините сили стави крај на 20-годишната воена инвазија предводена од САД.
Хаотичното повлекување на странските сили продолжи до 31 август, при што десетици илјади луѓе брзаа кон аеродромот во Кабул, надевајќи се дека ќе бидат евакуирани при каков било лет надвор од Авганистан.
Сликите на толпи кои упаднаа на аеродромот, и се качуваат на авионите што полетуваат, некои од нив држејќи се за тркалата за полетување, го обиколија светот и беа пренесени од сите медиуми.
Досега ниту една земја не го призна талибанскиот режим како легитимна власт на Авганистан. Главните забелешки пред воспоставување формални односи се дека талибанците мора да ги почитуваат човековите права, да не ги деградираат жените и да гарантираат еднакво учество и застапеност на сите нивоа на власт во Авганистан.
Властите досега не најавија официјални прослави за одбележување на годишнината, но државната телевизија соопшти дека ќе емитува специјални програми.
Талибанските борци, сепак, се задоволни што нивното движење сега е на власт.
„Времето кога влеговме во Кабул и кога Американците заминаа, тоа беа моменти на радост“, рече Хекмат, сега припадник на специјалните сили кои ја чуваат претседателската палата.
Што променија талибанците?
Откако талибанците го освоија Кабул наметнаа серија на забрани и ограничувања, пред се во пристапот до образование и јавни професии за жените. Талибанците забранија емитување музика и забавни содржини на медиумите, по што многу медиуми се затворија, а бројни оркестри и музичари повеќе немаат работа.
Дел од новинарите треба да бараат и претходни дозволи за начинот на известување. Мажите кои се дел од органите на власта мора да носат бради и да внимаваат на начинот на облекување.
Од друга страна, власта на талибанците се соочува и со тешка економска криза, бидејќи сопре странската помош, претежно од Соединетите Американски Држави. Исто така блокирани се и девизните резерви на Авганистан во износ од 7 милијарди американски долари.
САД посочи дека средствата ќе бидат одмрзнати кога талибанците ќе ги преземат неопходните чекори за подобрување на човековите права.
Додека населението се соочува со економските предизвици и зголемените цени, безбедноста во земјата се смета дека е подобрена. Власта е соочена и со нападите на терористичките ал Каеда и авганистанската гранка на ДЕАШ, со неколку експлозии кои однесоа десетици животи.