ЕК: Бугарија, Романија и Хрватска спремни за влез во Шенген-зоната

ЕК: Бугарија, Романија и Хрватска спремни за влез во Шенген-зоната

Моментално, дел од Шенген-зоната се 22 земји членки на ЕУ и 4 земји надвор од Блокот
ЕК: Бугарија, Романија и Хрватска спремни за влез во Шенген-зоната  / Photo: AA

Европската комисија повика Бугарија, Романија и Хрватска „без натамошно одлагање“ да се интегрираат во Шенген-зоната, безвизната зона на Европа.

Извршното тело на ЕУ го повика Европскиот совет „да ги донесе потребните одлуки“, истакнувајќи дека трите земји „се подготвени целосно да учествуваат во шенгенскиот простор“.

Моментално, дел од Шенген-зоната се 22 земји членки на ЕУ и 4 земји надвор од Блокот.

Бугарија и Романија го завршија процесот за Шенген-евалуацијата во 2011 година, „но веќе 11 години не е донесена ниту една одлука од страна на Советот за укинување на внатрешните граници“, се вели во соопштението.

За Хрватска, Советот во декември 2021 година потврди дека ги исполнилa сите услови по евалуацијата што траеше од 2016 до 2020 година.

„Советот за правда и внатрешни работи ќе гласа за целосното вклучување на Бугарија, Романија и Хрватска на 8 декември“, се додава во соопштението.

За да станат дел од Шенген-зоната, на кандидатите им треба едногласно одобрение од сите останати земји членки на Шенген, како и согласност од Европскиот парламент.

TRT Balkan / агенции
Популарни