По уривањето на браната и хидроелектраната „Каховка“ во Украина, во регионот се појавија еколошки проблеми.
На социјалните мрежи споделени се снимки од масовен помор на риби во селото Марјанске на брегот на реката Днепар.
На снимката, на која е прикажана голема површина од каде што се повлекла водата, може да се забележат голем број мртви риби и риби што се борат за живот на суво.
Корисниците на социјалните мрежи тврдат дека масовниот помор на рибите е последица на уривањето на браната „Каховка“.
Андриј Јермак, шеф на Кабинетот на претседателот на Украина, на својот профил на социјалните мрежи ја сподели спорната снимка, користејќи го изразот „Еколошки масакр предизвикан од човекот, извршен од страна на Русија“.
Се појави и проблем со водата за пиење
Како последица на уривањето на браната „Каховка“, во поплавените подрачја настана проблем со водата за пиење.
Корисниците на социјалните мрежи споделија снимки од жителите на градот Криви Рог во регионот Днепар како купуваат значителни количини големи шишиња вода од продавниците. На снимката може да се забележат испразнети полици на кои се наоѓале големите шишиња вода.
Украинските власти соопштија дека почнале со работа за обезбедување вода за пиење за луѓето што ја користеле водата од браната „Каховка“.
Во реката Днепар се излеале 150 тони гориво
Украинскиот министер за внатрешни работи, Игор Клименко, во вчерашното соопштение објави дека 150 тони мазут се излеале во реката Днепар поради уништувањето на машинскиот дел на хидроелектраната „Каховка“.
Министерот Клименко изјави дека групи со потребната опрема почнале да работат на отстранување на можните последици од еколошката катастрофа.
Како резултат на уривањето на хидроелектраната „Каховка“, околу 80 населени места се прогласени за поплавени зони, а 23 населени места беа поплавени во рок од 24 часа по уривањето на браната.