Европската унија ќе се сврти надесно на изборите следната година, а дел од одговорноста за тоа е на мејнстрим партиите кои дадоа премногу ветувања или се оградија од гласачите, велат за ХИНА политиколозите Џовани Орсина и Паскал Перино, кои беа гости-предавачи на студиските денови на Европската народна партија (ЕПП) во Сплит.
Италијанскиот експерт им порача во лице на „народњаците“ дека на европските избори во јуни следната година, многу веројатно ќе изгубат дел од поддршката за сметка на десничарските популисти.
„Тие се свесни за тоа и се загрижени поради тоа“, вели Орсина.
Иако смета дека ЕУ се врти надесно, тој нагласува дека оваа политичка заедница е „многу комплициран ентитет“ со многу испреплетени нивоа на власт и дека затоа едни избори не можат да го променат нејзиниот правец.
Перино, пак, зборуваше за еволуцијата на електоратот на умерената десница, заклучувајќи дека оваа политичка опција денес е премногу далеку од младите на возраст од 18 до 30 години, како што покажуваат анкетите.
„Тие се премногу далеку во нивниот стил, начин на зборување, организација“, изјави Французинот.
Тој додаде дека десниот центар не се занимава доволно со прашањето за климатските промени, што е исклучително важно за таа возрасна група.
И тој, исто така, предвидува дека Европа ќе се сврти надесно по следните избори и тврди дека десницата „со сета своја различност“ е по прилагодена на отворениот, глобализиран свет отколку левицата, која изгледа „застарена“ и „изгубена“.
Протестни партии
И двајцата експерти, професори на престижни универзитети во нивните матични земји, во нивната работа се занимаваат со прашања за популизмот и однесувањето на гласачите.
Орсина, професор на римскиот Универзитет ЛУИСС Гвидо Карли, е автор на книгата „Демократија на нарцизмот“ во која зборува и за прашањето на популизмот, иако признава дека овој термин е веќе „истрошен“ и претпочита да користи „протестни партии“.
„Верувам дека нашите демократии ветуваа премногу, работи што никако не можеа да ги исполнат. Дел од бунтот наречен „популизам“ затоа се појави меѓу оние кои се незадоволни од неисполнувањето на ветеното“, рече тој.
Политички вакуум
Французинот Перино истакна дека сите политичари понекогаш се популисти и дека оваа „политичка техника“ била присутна низ историјата.
За порастот на популизмот „заслужни“ се и владејачките партии кои во изминатите децении се оддалечија од своите гласачи, станаа „пре-професионални“ и „бирократизирани“ и изгубија контакт со населението.
„Популизмот се прошири во тој вакуум меѓу обичните граѓани и политичката класа“, рече Перино, професор на парискиот универзитет Саенсис По.
Тој смета дека глобализацијата ги натера гласачите да почувствуваат дека повеќе немаат моќ да одлучуваат во нивните земји, па затоа се одлучуваат за популистички лидери кои им нудат чувство на „блискост“ и оставаат впечаток дека ги слушаат нивните „грижи, гнев и барања“.
Популистичките партии се свесни дека во глобализираниот свет постои барање за враќање на национализмот и желбата за повторно зајакнување на државите бидејќи гласачите чувствуваат дека тие „пребрзо се менуваат“ и дека традиционалните вредности се занемаруваат, рече Перино.
Преодна фаза
Орсина смета дека популизмот е феномен во еден вид преодна фаза во која луѓето се навикнуваат на новиот медиумски и политички амбиент, бидејќи социјалните мрежи денес не се она што беа пред десет години кога околу нив имаше поголема возбуда.
Бранот на популизам се промени и по пандемијата на КОВИД бидејќи некои партии влегоа во владините структури, што ги направи поумерени, тврди Орсина.
Тој смета дека не може да се зборува за раст или пад на популизмот на европско ниво, бидејќи таквите партии се слаби во земји како Шпанија, но силно пораснале во Германија.
Перино предвидува дека популистичките сили ќе растат, но нема да „експлодираат“ бидејќи имиџот на Европската унија е подобрен во последните години.
Французинот го објаснува ова со новата перцепција кај граѓаните дека ЕУ се покажала како ефикасна за време на пандемијата на КОВИД и во последователната економска криза, како и за време на војната во Украина.
Меѓутоа, за да може ЕУ да остане политичка сила во новите околности, мора да биде храбра по прашањето за проширувањето, смета Перино.
„Ако не го направиме ова, многу брзо ќе ослабнеме и европскиот глас нема да се слушне во светот“, заклучи тој, нагласувајќи дека процесот на проширување треба да стане првенствено политички, а не економски процес.