Недостиг на ѓубрива во Европа се очекува наскоро поради запирање на производството предизвикано од зголемувањето на цената на природниот гас.
Во Европа, референтните цени на гасот на европскиот пазар утврдени од ТТФ (Title Transfer Facility) со кои се тргува за мандатни договори, во август достигнаа рекордно високо ниво од 348 евра за мегават/час. Цените на гасот на овој пазар, лани во просек изнесуваа околу 39 евра, додека пред две години неговата цена беше 15 евра.
Цените на гасот, кои пораснаа повеќе од 20 пати во однос на периодот пред кризата, длабоко ги погодија секторите што трошат енергија, особено во Европа. Индустријата за вештачко ѓубриво е еден од најпогодените сектори од настанатата ситуација.
Брзиот пораст на цената на природниот гас, кој е меѓу основните елементи во производството на ѓубрива, неодамна предизвика голем број фабрики за ѓубрива во Европа да го намалат или прекинат производството.
Асоцијацијата „Фертилизерс Јуроп“ со седиште во Брисел, која ги претставува производителите на вештачки ѓубрива во Европа, соопшти дека особено од август досега, има невидена криза во секторот.
Асоцијацијата констатира дека дошло до застој во производството на амонијак, кој е главна активна суровина и додаток во производството на вештачки ѓубрива и побара преземање итни мерки. Капацитетот за производство на ѓубрива во Европа бележи пад од 70 отсто поради високите цени на природниот гас.
Податоците на ICIS кои им служат на стоковните пазари, исто така, го истакнаа влијанието на зголемувањето на цените на гасот во Европа врз производството на вештачки ѓубрива.
Според тоа, фирмата „Јара“ во Италија, Франција и Норвешка и фирмите СКВ, „Јара“ и БАСФ во Германија го намалија производството на амонијак. Во Велика Британија, „ЦФ Фертилизерс“ го намали производството и започна со планови за прекин на производството.
Во Шпанија, „Фертиберија“ затвори некои свои погони и го намали производството. Во Холандија, „Јара“ и OCI го намалија производството на уреа (карбамид) и амониум. Во Белгија, „Јара“ и БАСФ го ограничија производството.
Групацијата „Азоти енд Енвил“ го намали производството во Полска, „Азомурес“ ги забави своите активности во Романија, компанијата „Дусло“ во Словачка го запре производството, а „Нитрогенмувек“ во Унгарија го прекина производството.
Затворени се компаниите „Агрополихим“ и „Неохим“ во Бугарија и капацитетите за производство на уреа и амонијак на „Петрокемија“ во Хрватска. Во Литванија, „Ахема“ го прекина производството, а „Лифоса“ го прекина производството на одредено време.
Се зголемуваат цените на амониумот
Цената на амониумот, главниот елемент на азотните ѓубрива, забрзано се зголемува на европските пазари поради настанатата криза.
Додека пред две години цената на еден тон амониум изнесуваше 230 долари, минатата година неговата цена се зголеми на 700 долари. По војната, растот на цената доби на интензитет и во сегашната ситуација се наоѓа на ниво од 1.300 долари за тон.
Овој сектор бара ЕУ да преземе мерки за ограничување на цените на природниот гас и да обезбеди итна поддршка за производителите.
Според податоците, во преткризниот период, во Европа годишно се произведувале 18,3 милиони тони хемиски ѓубрива. Од нив 72 % се евидентирани како азотни, 13 % биле фосфатни и 15 % калиумски ѓубрива. ЕУ за производство на азотни ѓубрива, во 2021 година извршила увоз од 2,9 милиони тони амонијак и 4,7 милиони тони уреа.
Од друга страна, поради војната во Украина, беше донесена забрана за увоз на калиум од Белорусија во рамките на санкциите на ЕУ.
Ѓубривото не беше вклучено во мерките на санкциите кон Русија, но снабдувањето со ѓубрива од Русија беше прекинато поради санкциите во областите како што се банкарството, транспортот и осигурувањето.
Според развојот на настаните, се предвидува дека годинава нема да има доволно ѓубриво во европските земји.
ЕУ во потрага по решение
Намалувањето на производството на ѓубрива и нивното поскапување остануваат на агендата на министрите за земјоделство на земјите од ЕУ.
По состанокот на тема координација на безбедноста на храната, што се одржа во Прага на 16 септември, ротирачкиот претседател со ЕУ и министер за земјоделство на Чешка, Зденек Некула, објави дека нема доволно ѓубрива во Европа и истакна дека таквата ситуација може да предизвика значително намалување на земјоделското производство.
Истакнувајќи дека цените на енергијата и вештачките ѓубрива достигнале рекордни нивоа, што за земјоделците станало „егзистенцијален проблем“, Некула ја употреби фразата „Мора да се бориме со високите цени на ѓубривата и недостигот на ѓубрива.“
ЕУ работи на планови за отстранување на увозните давачки за ѓубривото и снабдување со вештачко ѓубриво од земјите како Канада, со цел да изнајде решение за проблемот.