Ердоган: Сакаме да го следиме нашиот пат во вториот век на нашата Република под водство на граѓански, либерален, сеопфатен устав што ќе ги прифати сите сегменти / Photo: AA

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе воведе нов „граѓански“ устав. Тој ја нагласи важноста од оставањето зад себе на сегашниот Устав што е обликуван од воената хунта по државниот удар во 1980 година.

„Ќе работиме заедно на донесувањето граѓански устав на Туркије. Сакаме да го следиме нашиот пат во вториот век на нашата Република под водство на граѓански, либерален, сеопфатен устав што ќе ги прифати сите сегменти “, рече Ердоган по состанокот на Кабинетот што траеше повеќе од осум часа во главниот град Анкара.

Ердоган го поздрави претседателскиот систем.

„Нашата нација со својата волја ги отфрли предлозите за враќање на стариот систем на изборите на 14 и 28 мај. Дискусиите за парламентарниот систем се затворени на неодредено време“, истакна Ердоган.

Туркије го усвои својот извршен претседателски систем на управување во 2017 година по јавниот референдум и го спроведе во практика една година подоцна.

Турските власти со пофалби за предностите од новиот систем, истакнуваат дека тој ја елиминира неефикасноста и овозможува непречена работа на администрацијата.

Ердоган се осврна и на првите странски посети по неговиот реизбор на 28 мај на Турската Република Северен Кипар и Азербејџан.

„Ќе ја продолжиме нашата борба рамо до рамо со кипарските Турци, кои се составен дел од турската нација. Никогаш нема да дозволиме да се узурпираат правата ниту на нашата земја ниту на Турската Република Северен Кипар“, нагласи Ердоган.

Околу посетата на Азербејџан, Ердоган рече дека во текот на разговорите со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, донеле многу одлуки за унапредување на билатералните односи.

„Одредивме заедничка цел да го зголемиме обемот на трговска размена на 15 милијарди долари“, додаде Ердоган.

TRT Balkan / агенции
Популарни